BMW ПОВЛЕКУВА 744.000 ВОЗИЛА НИЗ СВЕТОТ – Постои ризик од пожар поради дефект на стартерот
Германскиот автомобилски гигант BMW повлекува вкупно 744.234 возила ширум светот поради сериозен технички дефект кој може да предизвика пожар.
Информацијата ја потврди Германскиот федерален орган за моторен транспорт (KBA), од каде што соопштија дека само во Германија со повлекувањето се опфатени 42.300 автомобили.
Ова е трето големо повлекување на BMW за краток временски период, но овојпат причината е сосема поинаква – грешка во производството.
Според извештајот на KBA, неправилностите во производствениот процес можат да доведат до создавање наслаги во стартерот, што го зголемува електричниот отпор. Во исклучително редок, но можен случај, при палење на возилото или при повторно вклучување преку Start-Stop системот, може да дојде до краток спој и избивање на пожар.
Кои модели се опфатени?
Со повлекувањето се опфатени речиси сите најпродавани модели на баварскиот производител, произведени во периодот од 31 јули 2020 до 26 февруари 2026 година:
Серија 3, Серија 4, Серија 5, Серија 6, Серија 7, X3, X4, X5, X6, X7 и Z4 Roadster.
Од компанијата соопштуваат дека сопствениците на засегнатите возила ќе бидат известени по пошта во наредните недели и ќе треба да се јават во најблискиот овластен сервисен центар, каде што стартерот ќе им биде заменет целосно бесплатно.
Од KBA апелираат сопствениците да не чекаат писмо, туку превентивно да го проверат ВИН-бројот на своето возило кај овластен сервисер за да утврдат дали нивниот автомобил е дел од ова масовно повлекување.

