Цените на недвижностите во Хрватска пораснаа за 12,7 отсто, во Загреб за речиси 16 отсто
Високите цени на недвижностите во Хрватска сè повеќе го отежнуваат решавањето на станбеното прашање, особено за младите во големите градови и туристичките места. Недоволната понуда на станови и силната побарувачка продолжуваат да го притискаат пазарот, предупредува гувернерот на Хрватската народна банка (ХНБ), Анте Жигман.
Според најновите податоци на хрватскиот Државен завод за статистика, цените на станбените недвижности во вториот квартал од 2026 година биле повисоки за 12,7 отсто во споредба со истиот период минатата година. Во Загреб растот изнесувал 15,7 отсто, додека на Јадранското крајбрежје цените пораснале за девет отсто.
Особено поскапеле постојните недвижности, со годишен раст од 14,1 отсто, додека цените на новите станови се зголемиле за 9,2 отсто. Истовремено, бројот на продадени станбени недвижности бил намален за 33,3 отсто во однос на вториот квартал од 2025 година.
Жигман смета дека една од главните причини за растот на цените е недоволната изградба на нови станбени објекти. Иако побарувачката расте благодарение на економските резултати, туризмот, извозот и користењето на европските фондови, понудата не успева да го следи тој тренд.
Во Хрватска и понатаму се градат помалку станови отколку во 2007 година, кога градежната активност беше на врвот на претходниот циклус. Според гувернерот, ова покажува дека економијата не се наоѓа во фаза на прекумерна станбена изградба, но ограничената понуда претставува сериозен проблем за граѓаните, особено за младите кои купуваат прв стан.
Поради растот на цените на недвижностите и кредитирањето, ХНБ од 1 октомври дополнително ги заостри критериумите за одобрување кредити. Банките, по правило, не смеат да одобруваат станбени кредити кај кои месечната отплата на вкупниот долг надминува 45 отсто од приходите на кредитокорисникот, а ограничен е и односот меѓу износот на кредитот и вредноста на недвижноста.
И покрај мерките, проблемот со достапноста на становите останува. Сè додека изградбата не успева да ја задоволи побарувачката, високите цени ќе продолжат да претставуваат сериозна пречка за граѓаните кои сакаат да обезбедат сопствен дом.

