Дали американската држава ќе се стекне со соптвенички удел во OpenAI?
Американската компанија за развој на ваштачката интелигенција OpenAI наводно разговара со американската влада за можноста да ѝ додели сопственички удел од 5% во компанијата. Доколку предлогот биде прифатен, државата би станала еден од акционерите на една од највредните компании во областа на вештачката интелигенција.
Според информациите на Financial Times, идејата ја предложил извршниот директор Сем Алтман. Наместо воведување посебни даноци за компаниите што развиваат вештачка интелигенција, тој предлага дел од нивната вредност да биде во сопственост на државата, со што и граѓаните би можеле да имаат корист од развојот на вештачката интелигенција.
Предлогот предвидува создавање на посебен јавен инвестициски фонд, во кој би учествувале и други големи компании за вештачка интелигенција, како Anthropic, Google, Meta и xAI. Во иднина, приходите од овој фонд би можеле да им се исплаќаат на граѓаните или да се користат за други јавни цели.
Идејата доаѓа во период кога американските власти сè повеќе ја следат индустријата за вештачка интелигенција поради прашања поврзани со националната безбедност, конкуренцијата и економското влијание. Со ваквиот предлог, OpenAI сака да покаже дека придобивките од вештачката интелигенција можат да бидат пошироко споделени, а не да останат само кај приватните инвеститори.
Засега разговорите се во рана фаза и не е постигнат никаков договор. Не е познато како би функционирала сопственоста на државата, како би се распределувале евентуалните приходи и дали ваквиот модел би барал одобрување од американскиот Конгрес. Компанијата OpenAI и Белата куќа сè уште не ја коментирале оваа информација.

