Деловни традиции кои генерацијата З не ја интересираат, а постарите ги сметаат за важни
За многу припадници на постарите генерации денес реалноста е дека работат под надредени кои се половина помлади од нив. Навикнати се на одреден начин на работа до кој генерацијата З, се чини, дека воопшто не се држи. И додека поголемиот дел од компаниите денес се мултигенерациски, деловните традиции кои на бејби бумерите и генерацијата Х некогаш им биле важни, едноставно, повеќе не се релевантни.
Разговор лице во лице
Бумерите, особено, преферираат разговори лице во лице или телефонски повици бидејќи формалната комуникација и професионализмот ги сметаат за важни. Таквиот начин на комуникација им овозможува да го гледаат изразот на лицето и говорот на телото на соговорникот, што им помага подобро да го разберат лицето или ситуацијата.
Од друга страна, генерацијата З преферира брз, неформален одговор по пат на порака или мејл. И додека постарите генерации можат да признаат дека тоа е побрз начин на комуникација, сметаат дека на припадниците на генерацијата З би им користело дополнително да ги развиваат своите интерперсонални вештини.
Користење на застарени технологии
Многу постари луѓе имаат проблем со технологијата бидејќи растеле без паметни телефони и интернет. Дури ни телевизорите во боја не станале широко достапни се’ до крајот на 1950-тите, кога многу од припадниците на бејби бумерите се’ уште растеле.
Многу бумери и припадници на генерацијата Х имаат основна технолошка писменост, но и понатаму ги преферираат проверните методи на работа. Користат работи како PERT дијаграм и факс машини, додека за младите луѓе таквите алатки се во потполност застарени. Тие преферираат да користат технологии како Microsoft Teams или Hudspot.
Тоа е одлична прилика припадниците на генерацијата З да се вклучат и да им помогнат на постарите колеги да научат да ги користат најновите технолошки алатки. Но за постарите кои и понатаму сметаат дека аналогните методи се корисни и важни, помладите вработени можеби би требало да забават и на проектите да им пристапат со повеќе трпение и фокус – вештини кои не зависат од технологијата.
Форсирање на лојалноста кон компанијата
Поголемиот дел од припадниците на постарите генерации себеси се сметаат за лојални вработени. Важни им се сигурноста на работата и можноста за напредување во компанијата. Меѓутоа, многу припадници на генерацијата З бара смисла во својата работа и избираат компании и поради нивната општествена одговорност и инклузивност.
Додека на бумерите им било важно со децении да останат во истата компанија, за да ја докажат лојалноста, генерацијта З има поинакви стандарди. Тие одбиваат унапредувања кои подразбираат голема одговорност и долго работно време и преферираат поподносливи обврски и подобри услови за работа.
Ним рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот им е приоритет, додека постарите генерации повеќе биле насочени кон напредување на корпоративната скала и преземање на новите позиции внатре во компанијата.
Тестирање на новите алатки пред нивна примена
Генерацијата З сака да ги менува работите на своето работно место. Тоа значи дека веројатно ќе се обидат да воведат нови алатки кои постарите колеги можеби не ги сметаат неопходни за поголема продуктивност.
Всушност, генерацијата З веќе во голема мера се потпира на вештачката интелигенција, што буди загриженост кај многу бумери и припадници на генерацијата Х.
Иако постарите генерации не се нужно против промените, тие преферираат детална процена пред новите алатки да се воведат во употреба. Така настанува простор за соработка: генерацијата З може да донесе нови идеи, додека постарите генерации можат да се погрижат промените претходно да се тестираат пред да бидат воведени на ниво на цела компанија.
Годишни разговори за учинокот
Додека бумерите преферираат годишни процени на работата и принанија од своите надредени или менаџери, генерацијата З повеќе го цени неделниот и секојдневниот фидбек.
Припадниците на генерацијата З, па дури и младите миленијалци, за 73 % почесто отколку бумерите сакаат да добиваат признанија неколку пати месечно.
„Навикнати се постојано да добиваат моментална повратна информација“, објаснила Кејана Шмидл, главна директорка за искуство на вработени во компанијата Workhuman. Додала дека младите луѓе имаат специфичен начин на размислување кој стои зад тоа: „Ќе поставам нешто и очекувам луѓето да реагираат на тоа, а ако никој не реагира… морам да ја променам насоката и да направам нешто друго.“
Младите луѓе ова го гледаат како начин континуирано да напредуваат. Меѓутоа, на бумерите понекогаш им се чини дека генерацијата З сака само да биде забележана, а не само сослушана.
Строго структурирани процеси
Во текот на состаноците помладите вработени повеќе учествуваат во брејнсторминг и често црпат инспирација од идеите на другите членови на тимот. Додека бумерите се навиканти на јасно структурирани процеси и одговорности, генерацијата З се обидува да се избори за пофлексибилен пристап и да ја намали ригидноста во работата.
Некои бумери ова би можеле да го видат како добра работа, бидејќи таквиот пристап остава повеќе простор за креативност. Иако припадниците на генерацијата З можеби не знаат да пополнат чек или да возат без GPS, нивното отфрлање на застарените вештини може да биде важно.
Генерацијата З носи енергија и нови идеи на работното место. Повеќе се грижи за општествените прашања, како климатските промени и зачувувањето на планетата. И иако постарите генерации тоа можеби не го разбираат во потполност, факт е дека иднината е во рацете на помладите генерации.
Извор: BIZLife.rs

