ЕкономијаМакедонија

Димитриеска Кочоска: Јавниот долг е под контрола, фискалната консолидација продолжува

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска оцени дека состојбата со јавниот долг во земјава е стабилна и дека неговото управување е под строг надзор. Таа посочи дека јавниот долг и понатаму се одржува под нивото од 60 проценти од бруто домашниот производ (БДП).

Во гостување на телевизија „Телма“, министерката истакна дека клучно е начинот на кој државата се задолжува и дали средствата се насочуваат кон проекти кои создаваат економски ефект.

„Многу е важно за што се задолжуваме. Како и кај секое кредитирање, важно е дали инвестицијата за која се зема заем е оправдана и носи резултат“, изјави Димитриеска Кочоска.

Таа нагласи дека растот на БДП и управувањето со јавниот долг се одвиваат според планираните рамки, додавајќи дека годинава се очекува исполнување на обврските поврзани со фискалната консолидација.

Во однос на најавениот ребаланс на Буџетот, министерката информираше дека анализите сè уште се во тек и дека конечните бројки ќе зависат од состојбите со приходите и расходите.

Според неа, кај приходната страна можна е корекција кај акцизите, особено поради мерките поврзани со нафтата и нафтените деривати. Министерството веќе побарало проекции од Царинската управа за да се утврди дали ќе има потреба од дополнителни измени.

Димитриеска Кочоска објасни дека секој ресор има утврдени финансиски лимити во рамки на фискалната стратегија, а повисоката реализација на дел од буџетските средства во првата половина од годината не значи нужно и поголеми трошоци во вториот дел.

Таа додаде дека во рамки на ребалансот се очекува дополнување на програмите за финансирање на општините, бидејќи голем број проекти реализирани во соработка со локалните власти забележале висок степен на исполнување.