Димитриеска-Кочоска: Стабилната економија и одржливиот развој се приоритет за државата
Глобалните економски предизвици, геополитичката неизвесност и макроекономската стабилност во фокусот на разговорите на Годишните средби на ММФ и Светската банка.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржа во рамки на Годишните средби во Бангкок. На состанокот се разговарало за актуелните глобални економски предизвици, зачувувањето на макроекономската стабилност и можностите за забрзување на економскиот раст.
Посебно внимание било посветено на предизвиците со кои се соочуваат земјите во регионот, меѓу кои геополитичката неизвесност, климатските промени и дигиталната трансформација, како и на креирањето политики што ќе овозможат одржлив и инклузивен економски развој.
-Размената на искуства и идеи со меѓународните партнери е важна за унапредување на економските политики, поддршка на реформските процеси и зајакнување на отпорноста на нашите економии. Нашата цел е јасна – стабилна економија, одржлив развој и подобри перспективи за граѓаните – посочи Димитриеска-Кочоска во објава на Фејсбук.
Во рамки на Годишните средби во Бангкок, министерката остварила и средба со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли. На разговорите присуствувал и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Во фокусот на средбата биле актуелните макроекономски состојби, предизвиците што произлегуваат од глобалното окружување, како и значењето на независноста, транспарентноста и кредибилитетот на централните банки за зачувување на макроекономската стабилност.

