МакедонијаСветот на работникот

Дополнителна работа во Македонија: Реални опции каде можеш да бидеш свој газда

Ниските плати, а со тоа и големите трошоци на живот се двете најголеми причини поради кои луѓето се одлучуваат да работат дополнителна работа. Оттаму, интернетот и можностите за работа кои ги нуди се добредојдени од страна на луѓето кои бараат дополнителна работа во Македонија. Сепак, за оние кои веќе се во работен однос, Законот за работни односи предвидува посебни правила.

Што вели Законот за работни односи?

Во членот 121 од Законот за работни односи е наведено дека работникот кој работи со полно работно време по исклучок може да склучи договор за вработување на неполно работно време со друг работодавач најмногу за десет часа неделно. Дополнително, работничкиот Устав нагласува дека потребна е претходна согласност од работодавачот каде што работникот засновал работен однос на полно работно време. На работникот кој склучил договор за дополнителна работа престанува да му важи договорот за вработување по изминувањето на договореното време или ако е повлечена согласноста на работодавачот кај кого работникот е во работен однос со полно работно време.

Подетално објаснување на членот 121 од Законот за работни односи можете да прочитате во нашата статија Дополнителна работа според Законот за работни односи.

Што значи ова фриленсерите?

Во Македонија, фриленсингот сè уште не е законски регулиран, поради што не може точно да се утврди како би се вклопил во постојниот Закон за работни односи.
Вработените со полно работно време кои дополнително работат како фриленсери, најчесто ги извршуваат своите задачи по завршувањето на редовното работно време или во вечерните часови.

За разлика од нив, лицата кои целосно се посветени на фриленсингот имаат поголема флексибилност во организацијата на работниот ден, но и поголема неизвесност во поглед на приходите и правната заштита.

Македонија – лидер по најголема концентрација на фриленсери во регионот

Според податоците на регионалната платформа „Гигаметер“, на 100,000 жители во Македонија, околу 350 лица работат како фриленсери, со што државата е регионален лидер по концентрација на фриленсери. Најголем дел од нив работат за странски клиенти.

Најкористени се платофрмите како Upwork, Fiverr, Freelancer, а фриленсинг „тезга“ може да се најде и преку деловната социјална мрежа LinkedIn. Најчесто се занимаваат со пишување содржини, графички дизајн, превод, контент маркетинг, ИТ итн.

Вработените кои сакаат да работат дополнителна работа во Македонија, можат да ги погледнат овие платформи и да ги искористат веќе стекнатите вештини за да заработат дополнителен проход.

Во продолжение уште два начини за дополнителна работа во Македонија:

Доставувачи на храна

Во Македонија има неколку платформи кои вработуваат курири за достава на храна. Тие најчесто им овозможуваат самите да го организираат работното време. На пример, платформата Wolt, на својата веб страна има наведено дека на куририте им овозможува самите да одлучат кога ќе работат. Храната може да се доставува со велосипед, скутер или автомобил.

Онлајн продажба

Голем дел од луѓе интернетот го користат за вршење на онлајн продажба на рачно изработени производи, дигитални услуги или едукативни материјали. Оние на кои одлично им оди креативното пишување, можат да напишат книга и да ја продаваат преку Amazon, но се разбира и преку социјалните мрежи.

Заклучок

Дополнителната работа може да помогне на многу луѓе да го подобрат својот животен стандард, но државата треба да создаде јасна рамка за фриленсингот и другите облици на флексибилна работа. Само така, трудот на овие луѓе ќе биде правно заштитен и соодветно вреднуван.

Вработените кои сакаат да работат дополнителна работа во Македонија имаат повеќе можности на располагање – од фриленсинг и достава, до онлајн продажба. Важно е да го распоредат своето време мудро, за да избегнат прегорување и да го одржат балансот меѓу професионалниот и приватниот живот. Ова особено важи за вработените со семејни обврски.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.