СветСветот на работникот

Не ја сакате својата работа? Еден од најсреќните градови во светот бара токму такви луѓе

Кога се зборува за најдобрите градови за живот, малкумина можат да му парираат на Копенхаген. Главниот град на Данска повеќепати е прогласуван за најсреќен и најпријатен град за живеење во светот, а сега оди чекор понатаму – активно ги поканува луѓето самите да го проверат тоа.

Градските власти уште порано ја покренаа иницијативата позната како „осигурување на квалитетот на животот“, со која гарантираа дека луѓето кои ќе се преселат во поширокиот регион на Копенхаген ќе се чувствуваат посреќно. Оваа година беше лансиран нов проект – Friend Recruiter Program.

Како функционира „Friend Recruiter Program“?

Идејата е едноставна. Потребно е да се пријавите заедно со пријател. По пријавата, двајцата добивате имејл со понатамошни инструкции. Вашата задача е да го запознаете пријателот со можностите за вработување преку официјалниот Career Portal, со што станувате „регрутер на пријател“.

Целта на програмата не е моментална преселба, туку учесниците да добијат реална слика за професионалните и животните можности што Копенхаген им ги нуди на луѓето кои размислуваат за промена на темпото на живот и кариерата.

Патување како награда

Дури и ако вие или вашиот пријател не аплицирате за работа, самата пријава и учеството во програмата автоматски ве вклучуваат во наградна игра. На крајот од кампањата ќе бидат избрани пет пара кои ќе освојат патување во Копенхаген.

Програмата е особено наменета за луѓе кои чувствуваат исцрпеност, професионално согорување и незадоволство од секојдневната рутина. Организаторите дури подготвиле и предлози како да го „убедите пријателот“ да размисли за промена, вклучувајќи и музичка плејлиста со наслов From Burnout to Balance.

Град што лесно се „продава“

Ако ни тоа не е доволно, Копенхаген сам по себе се наметнува како атрактивна дестинација. Градот е познат по врвната гастрономија, богатиот ноќен живот, модерните музеи, па дури и музеј посветен на среќата.

За сите кои во своето опкружување имаат уморен, преоптоварен или незадоволен пријател, пријавувањето на програмата претставува едноставен прв чекор кон можна промена.

Извор: BIZLife / K. J.