ЕкономијаМакедонија

Една зараза може да уништи цела фарма: Нов закон носи построги контроли и казни до 6.000 евра

Една заразена свиња, ненавремено пријавена болест или пропуст во заштитата на фармата може да предизвика штета што далеку ги надминува трошоците за превенција. За сточарите тоа значи изгубено производство и приходи, а за државата дополнителни трошоци за справување со заразите. Македонија подготвува нов Закон за здравје на животните, со кој се предвидуваат построги правила за контрола на болестите, поголема одговорност за одгледувачите и парични казни кои, според објавените информации за нацртот, достигнуваат до 6.000 евра.

Но, суштината на новото законско решение не се само казните. Се менува пристапот кон здравствената заштита на животните – наместо институциите и фармерите да реагираат дури кога заразата ќе се појави, акцентот се става на нејзиното навремено откривање, спречување и контролирање.

Нацрт-законот, за кој на 28 октомври се одржа јавна расправа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, треба да го усогласи домашното законодавство со европските правила. Предвиден е поинтегриран систем за следење на здравствената состојба на животните, контрола на нивното движење, евиденција на одгледувалиштата и подобра размена на информации меѓу институциите, ветеринарите и одгледувачите.

За земјоделците, тоа значи дека здравјето на добитокот сè повеќе ќе биде поврзано со начинот на кој го организираат и управуваат со своето производство. Идентификацијата и регистрацијата на животните, водењето евиденција, почитувањето на биосигурносните мерки и навременото пријавување сомнителни заболувања добиваат уште поголемо значење.

Колку може да чини една зараза покажува и примерот со африканската свинска чума, болест која со години претставува ризик за сточарството. Според Агенцијата за храна и ветеринарство, кај домашните свињи смртноста може да достигне и 100 проценти, а болеста не се лекува. Кога ќе се појави, мерките за нејзино спречување можат да вклучуваат забрана за движење на животните, нивно уништување, чистење и дезинфекција.

Ова не е само теоретска опасност. Според податоците што Агенцијата за храна и ветеринарство ги објави во февруари годинава, во текот на 2025 година биле регистрирани 54 позитивни случаи на африканска свинска чума кај дивите свињи. Во 2024 година имало 331 позитивен случај, а во 2023 година – 163.

На прв поглед, бројките укажуваат на значително намалување. Но, Агенцијата предупредува дека таквиот заклучок не може да се донесе со сигурност, бидејќи истовремено се намалил и бројот на земени примероци. Во 2025 година биле анализирани 1.457 примероци, наспроти 2.944 во 2024 и 4.112 во 2023 година. Тоа покажува колку е важен континуираниот надзор: помалку откриени случаи не мора да значи и помала опасност.

Токму тука се наоѓа една од главните причини за подготовката на новиот закон. Заразните болести кај животните не запираат на оградата на една фарма, а нивното ширење може да предизвика последици и за соседните одгледувалишта, преработувачите, трговците и снабдувањето со храна.

За една фарма, појавата на зараза може да значи губење на целиот или на дел од добитокот, прекин на производството, дополнителни ветеринарни трошоци и неизвесност кога повторно ќе може нормално да работи. На ниво на сектор, ваквите состојби можат да влијаат врз понудата на домашно месо, условите за трговија и зависноста од увоз.

Затоа, новата регулатива ја отвора и финансиската страна на здравствената заштита на животните. Во целите на нацрт-законот, објавени преку Стопанската комора, се наведува потребата од развивање поодржливи механизми за финансирање и надоместување на штетите при појава на нови заразни болести.

Ова е особено важно за сточарите, бидејќи уништувањето на заразени животни, иако неопходно за спречување на ширењето на болеста, може да претставува сериозен финансиски удар врз производителот. Оттука, прашањето не е само какви обврски ќе добијат фармерите, туку и како ќе функционира системот на надоместоци кога ќе мора да се преземат радикални мерки за заштита.

Построгите барања за биосигурност можат да донесат и дополнителни трошоци за одгледувачите. Подобрата контрола на пристапот до фармите, хигиената, дезинфекцијата, ветеринарниот надзор и водењето евиденции бараат време, организација и средства. За поголемите производители тоа е дел од управувањето со ризиците, но за малите семејни фарми усогласувањето со правилата може да претставува дополнителен товар.

Од друга страна, превенцијата има и јасна економска оправданост. Трошокот за спречување на болест може да биде многу помал од загубите што ќе настанат ако заразата се прошири. Затоа, ефикасноста на новиот систем ќе зависи не само од контролите и казните, туку и од тоа колку институциите ќе успеат да им помогнат на одгледувачите навремено да ги исполнуваат обврските.

Законот го вклучува и принципот „Едно здравје“, според кој здравјето на животните, луѓето и животната средина се меѓусебно поврзани. Тоа е особено важно кај болестите што можат да се пренесуваат од животните на луѓето.

Сепак, за домашното сточарство најважен ќе биде практичниот ефект. Дали новите правила ќе придонесат за помалку зарази, помали загуби и посигурно производство или ќе создадат дополнителни административни и финансиски обврски без соодветна поддршка?