Експертите што одат на Антарктикот поради работа мора да отстранат два органи
Иако не ограбуваат села како Викинзите, современите научници на Антарктикот се соочуваат со подеднакво сурови услови – и понекогаш мора да извадат умници и слепо црево пред да тргнат на експедиција.
Современите климатски научници кои работат на Антарктикот, секако, не личат на викиншки освојувачи, но како и тие, се соочуваат со екстремен терен и сурови климатски услови. И токму поради тоа, некои од нив мора однапред да отстранат умници, па дури и слепо црево, ако сакаат да учествуваат во антарктичките експедиции, се наведува во соопштение на Универзитетот Нортвестерн.
На прв поглед, споредбата помеѓу древните викиншки воини и современите климатски истражувачи може да изгледа необично. Викинзите, како што ги прикажуваат филмовите, биле морепловци што пловеле со долги бродови, носеле кожни темни плаштови и ограбувале села. Но, помалку е познато дека имале и мистични верувања поврзани со забите, пишува порталот „Одржиме“.
Забите и слепото црево како потенцијален ризик
Според The Guardian, археолози во 2011 година во Англија откриле масовна гробница на викиншки воини со заби изрежани во декоративни хоризонтални шари. Истражувачите сметаат дека ова било начин да го покажат својот статус на големи воини и способноста да издржат екстремна болка.
Иако често се опишува како ледена бела бајка, Антарктикот – најјужниот континент на светот – е едно од најнепристапните и најсуровите места на планетата. Нема многу лавини, но затоа ненадејните снежни бури се чести. Силни ветрови немилосрдно удираат по замрзнатата пустина, често без предупредување. Сето тоа дополнително се влошува со забрзаното глобално затоплување, кое го прави континентот уште понепредвидлив и поопасен.
Колку и да звучи чудно, токму таа непредвидливост претставува сериозен ризик за истражувачите кои имаат умници. Поради тоа, од речиси секој научник што оди на терен на Антарктикот се бара да ги извади умниците пред патувањето.
„Умниците можат да станат сериозен проблем ако почнат да болат додека сте на Антарктикот. Сите станици имаат обучен медицински персонал, но оралната хирургија не е опција на терен. Затоа, речиси секој што патува на Антарктикот веќе ги има извадено умниците“, објаснува Кевин Питерс, постдипломски истражувач кој престојувал на Антарктикот, во напис за списанието Science.
Питерс додава дека, иако ги поминал сите други медицински проверки – тестови за вид, крв и физичка подготвеност – морал да ги извади умниците за да може да се приклучи на теренскиот тим. На крајот, тоа и го направил.
Целиот текст тука
Извор: BIZLife

