Еве што треба да знаете за Законот за практикантска работа – Интервју со Билјана Чкламовска
Интервју со Билјана Чкламовска, MSc Менаџмент на човечки ресурси, Консултант за корпоративно и работно право и управување со човечки ресурси и Предавач на Академија за човечки ресурси. Разговараме за законот за пракса
Дали по примерот во Србија и кај нас постои закон за пракса кој ги опфаќа младите?
Ние сме седум години пред Србија во смисол на уредување на практикантска работа, бидејќи во нашата држава уште во Мај 2019 година, е донесен сличен посебен Закон за практикантство кој ги опфаќа лицата не постари од 34 години, а кои можат да склучат договор за практикантска работа на oграничен период на работа (макс. 6 месеци).
Разликата помеѓу нашиот и српскиот предлог закон, е во тоа што според нашиот закон, на практикантот практикантската работа не мора да му биде прво работно искуство.
Што опфаќа нашиот закон?
Нашиот закон предвидува дека практикантска работа кај ист работодавач може да се врши само еднаш од исто лице.
Практикантската работа мора да биде пријавена во Агенцијата за вработување, а АВРСМ го известува Државниот инспекторат за труд.
Исто така работодавачот има обврска да обезбеди оптимални услови за работа и материјали и средства за извршување на практикантската работа, да води евиденција за работните часови на практикантот и да обезбеди ментор што ќе му помага да стекне конкретни знаења и компетенции и ќе ја прати работата на практикантот.
На крајот работодавачот е должен да му издаде на практикантот потврда за стекнатите знаења, вештини и компетенции и опис на практикантската работа, а предвидена е и можност за премин во работен однос.
Што ќе треба да се направи за да се заштитат младите практиканти од потенцијална експолатација?
За да се спречат евентуални злоупотреби, со законот е ограничен бројот на практиканти што работодавачот смее да ги вработи, така што тој може да вработи само еден практикант доколку има 1 до 5 вработени ако има 6 до 10 вработени – до 2 практиканта, на 11 до 50 вработени – до 4 практиканти, на 51 до 150 вработени -до 8 практиканти, на 151 до 250 вработени – до 15 практиканти, на 251 до 500 вработени – до 30 практиканти и
Ако има над 500 вработени – до 50 практиканти.
Колку, според Вас, би требала да биде платена работната пракса?
Со законот е утврдено дека практикантот има право да биде платен за својата работа, и тоа во определена рамка од 42% до 74% од минималната нето плата до првите 3 месеци, а од четвртиот месец во висина на минималната нето плата утврдена со закон, плус персонален данок на доход, што мислам дека е подобро решение од фиксниот процент што го предвидува српскиот нацрт закон.
Рамката од 42% до 74% од минималната нето плата, дава можност да се разликуваат надоместоците на практикантите според тежината и одговорноста на обврските предвидени со описот на работното место.
Инаку, сметам дека би било добро во нашата држава, да се врати можноста студентите да можат повторно да работат во текот на времетраењето на студиите, како во времето кога јас бев студент, преку студентска задруга. Не мора да се вика задруга, може да се вика било како, но да биде некаква студентска организација, преку која студентите би можеле да си обезбедат ,,џепарлак”, со што ќе си го подобрат својот стандард, но и ќе им помогнат на родителите што ги издржуваат, а истовремено ќе стекнат и работни навики.
Бенефитот на работодавачите од ваквата можност е во тоа, што преку многу лесна и брза постапка ќе можат да обезбедат замена за отсутен работник, или дополнителна работна сила за период на зголемен обем на работа, а од друга страна, не ќе мора да спроведуваат редовна постапка за вработување.

