Евростат со нови податоци: Летањето во ЕУ поскапе за 3,1%, но разликите меѓу земјите се драстични
Цените на услугите за воздушен транспорт во Европската Унија во јуни 2026 година беа во просек за 3,1 процент повисоки отколку во истиот месец минатата година, додека меѓу членовите беа забележани големи разлики, од раст од 28,7 проценти во Белгија до пад од 45,1 процент во Словачка.
Цените на меѓународните летови во јуни се зголемија за 4,5 проценти на годишна основа, а на домашните летови за два проценти.
Податоците на Евростат покажуваат дека цените на воздушен транспорт од јануари 2025 година до јуни 2026 година значително флуктуирале под влијание на побарувачката за патувања, сезонските движења и геополитичките настани.
Највисок годишен раст во тој период е забележан во април 2025 година, кога цените беа за 13,7 проценти повисоки од претходната година.
На почетокот на 2026 година е забележан годишен пад на цените, проследен со зголемување на цените во февруари и март, и силен пад од 4,7 проценти во април.

Во мај, цените на воздушниот транспорт се зголемија за 8,1 процент во споредба со истиот месец во 2025 година, додека растот се забави на 3,1 процент во јуни.
Вкупните трендови беа најмногу под влијание на цените на меѓународниот воздушен транспорт.
Цените на меѓународните патувања се зголемија за 14,1 процент во април 2025 година и за 8,7 проценти во мај 2026 година, објавува Фена.
Од април до јуни, Белгија забележа континуиран, но постепено забавувачки раст на цените. Во април, тие беа повисоки за 41,5 проценти, во мај за 33,8 проценти, а во јуни за 28,7 проценти на годишна основа.
Спротивно на тоа, во Словачка, цените на воздушниот транспорт се намалија за 53 проценти во април, за 48,2 проценти во мај и за 45,1 процент во јуни.

