Finance Think: Вакцинацијата ги намали трошоците за хоспитализација за 2,8 милиони евра
Бобан Илијевски
Вакцинацијата донесе нова надеж за борба против Ковид-19 пандемијата. Ефектите од вакцинацијата се многубројни, од намалување на притисокот врз здравствените системи до намалување на рестриктивните мерки и придвижување на економскиот и социјалниот живот. Иако мерењето на вкупните ефекти е предизвик, се фокусираме само на директната економска заштеда на државата од вакцинацијата преку намалување на бројот на хоспитализации во текот на последниот (делта) бран, пишува Институтот за економски истражувања и политики „Фајнас Тинк“ во 52. Бриф за политики.
Резултатите од анализата укажуваат на тоа дека вакцинацијата спречила да се заразат дополнително околу 14,500 луѓе (или 148 повеќе новозаразени на ден) во текот на последните 3,5 месеци; отсуството на вакцинација би придонело, кумулативно, до дополнителни 4,595 неделни хоспитализации (околу 328 хоспитализации повеќе, неделно). Според процените, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37,9 % и 46,5 %, како и дека вакцинацијата ги намалила трошоците за хоспитализација за 170,8 милиони денари (2,8 милиони евра) во текот на последните 5 недели од делта бранот.
„Овој бриф за политиките им препорачува на носителите на политиките да го забрзаат темпото на вакцинација воведувајќи стимулативни мерки (пр. вредносни ваучери), посебно во градовите со пониско ниво на вакцинирана популација, со цел да се намали притисокот врз здравствениот систем и јавните финансии. Исто така, приватниот сектор да го препознае општествениот бенефит од вакцинацијата и преку стимулативни мерки да ги мотивира своите вработени и клиенти да се вакцинираат. Конечно, новинарите и истражувачите да го зголемат нивото на информираност на популацијата за ефектите од вакцинацијата преку издржани и детални анализи“, велат од Фајнанс Тинк.
Ковид – 19 пандемијата ги стави на тест здравствените системи околу светот. Експоненцијалниот раст на новозаразени ги предизвика креаторите на политики, од една страна, да ги адаптираат здравствените капацитети за да ги прифатат заразените на кои им е потребна хоспитализација, а од друга страна, преку разни рестриктивни мерки да го забават ширењето на заразата, пишува Институтот за економски истражувања и политики „Фајнас Тинк“.
„По нецела година од започнувањето на пандемијата, креаторите на политиките добија нов адут за справување со пандемијата: вакцини против Ковид – 19 од серија производители околу светот. Масовната вакцинација претпоставува создавање колективен имунитет кој ќе го забави ширењето на заразата и, последователно ќе го намали притисокот врз здравствениот систем преку помал број на хоспитализации“, пишува во Брифот за политики.
Од Фајнанс Тинк посочуваат дека ширењето на новиот делта сој на Ковид – 19 и во земји со висок процент на покриеност со вакцинација ја поткопа вербата во вакцините и во нивниот ефект врз намалување на заразата и притисокот врз здравствените системи.
Истакнаа дека за да се анализира ефектот од вакцинацијата, треба да се одговори на следното прашање: дали стапката на заразени и стапката на хоспитализирани ќе беа на истото ниво и без вакцинација?
Наведуваат дека процесот на вакцинација во Северна Македонија започнал на почетокот од март 2021 година. Тековно, преку 700,000 граѓани се целосно вакцинирани (со примени две дози вакцина), што претставува над 34 % од вкупната популација (или блиску 50 % од полнолетната популација). Подвлекоа дека најмалку 190,000 (потврдени случаи) се заразија со Ковид – 19, а преку 6,500 граѓани не успеале да се изборат со болеста.
„И покрај значајниот процент на вакцинација и прележаност на болеста, се уште голем дел од популацијата не е вакциниран. Паралелно, Северна Македонија проаѓа низ новиот делта бран на Ковид – 19 и се наоѓа на опаѓачката траекторија на кривата на новозаразени“, велат од Институтот.
Според податоците на Светската здравствена организација, велат од таму, движењата на бројот на новозаразени и смртни случаи во текот на делта бранот наликуваат на движењата во текот на претходните два брана, што создава перцепција дека ефектот од вакцинацијата е минорен или непостоечки.

