ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Finance Think: Во транспортот се отвориле 6,500, а во трговијата 3,800 нови работни места

Бобан Илијевски

Невработеноста во третиот квартал од 2021 година благо се намали, на 15.7 % од предходните 15.9 %, од вториот квартал истата година. Ова го констатира Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“ во Макроекономскиот монитор за третиот квартал до 2021 година. 

Според Finance Think падот на невработеноста е проследен со запирање на активацијата на претходно- пазивизираното население. 

Вработеноста пак, забележала само благо зголемување, од 47.3 % на 47.4 %, што, како што велат од Finance Think, укажува на тоа дека неизвесноста во економијата го засилила својот притисок врз пазарот на труд во споредба со претходните квартали. Сепак, потенцираат дека и во третиот квартал евидентно е понатамошното губење на работни места во преработувачката индустрија (околу 3,000 во однос на вториот квартал од 2021), стаганција кај угостителството (ист број работници) и конслодиција во транспортот, каде што биле креирани 6,500 работни места, и трговијата – 3,800. 

Во однос на Бруто домашниот производ, според Finance Think, во третиот квартал тој се зголемил за 3 % на годишна основа, а причина за тоа е консолидацијата на економските текови и напредувањето на имунизацијата, но „сепак, овој раст е остварен на се’уште ниска споредбена основа од третиот квартал од 2020, во кој економијата се намали за 5.1% по обемната владина интервенција за ублажување на ударот од пандемијата“, велат од Институтот. 

Гледано според дејности, растот во третиот квартал од 2021 година е на широка основа, но со забележлив пад на преработувачката индустрија (-5.8%), поради изразените неизвесности во глобалната и домашната економија, сврзани со растечкото влијание на делта сојот од Ковид-19 и забавувачкото темпо на имунизација кон крајот од кварталот. Според тоа, и бруто инвестициите се задржаа на нивото од пред една година (0.4%), додека извозот и увозот забележаа забавен раст (4.1% и 2.7%, соодветно).

Анализите Finance Think покажале дека јавната потрошувачка пораснала за 4.9 %, што според нив е висок раст во контекст на намерата за фискална консолидација, но е во линија со продлабочувањето на буџетскиот дефицит со јулскиот ребаланс на буџетот (од 4.9 % на 6.5 % од БДП).

Неизвесноста во економијата остана присутна во четвртиот квартал од 2021 со тековниот бран од пандемијата, забавувањето на темпото на имунизација и појавата на нови соеви на вирусот. Дополнително, во четвртиот квартал се зголемија притисоците од растечките цени на храната и енергијата, кои се очекува да бидат присутни и во текот на 2022“, велат од Институтот. 

Finance Think ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2021 на 4.1%, додека проекцијата за 2022 изнесува 4%. 

Фото: istock