ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Finance Think: Извештајот ја потенцира неусогласеноста на пазарот на трудот и бавните образовни реформи во Македонија

Бобан Илијевски

 

Извештајот јасно укажува на тоа дека постои голема неусогласеност на пазарот на труд поради бавното реформирање на образовниот систем и нискиот степен на инвестиции во инфраструктурата кои негативно се одразуваат врз продуктивноста на трудот и конкурентноста на земјата.

Во својот 33 -ти коментар, Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“ дава осврт на новиот Извештај на Европската унија за напредокот на Македонија, од економски аспект. Од Finance Think во коментарот велат дека Извештајот ја потврдува и поддржува одлуката на Европската комисија за пристапување на Македонија кон Европската унија на 26 март 2020 година. 

Извештајот ги нагласува напорите и умерениот напредок на Северна Македонија во однос на исполнувањето на политичките критериуми, судството, борбата со корупцијата и организираниот криминал, реформата во разузнавањето и јавната администрација, енергетиката и особено значајниот напредок во делот на зацврстување на основните човекови права, посебно во заштита на децата и жените. Но, извештајот ја потенцира политичката поларизација, како и ограничениот напредок во слободата на изразувањето“, велат од Finance Think.

Од Институтот наведуваат дека Извештајот дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, посочувајќи го умерениот напредок. Исто така се фокусира и врз ударот којшто го нанесе Ковид – 19 кризата врз економијата. Споредено со оценката од претходниот извештај, велат од Finance Think, напорите и потезите на носителите на економските политики се вреднети на позитивен начин, со умерен напредок. 

„Извештајот оценува дека Македонија има добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија и има умерен напредок. Иако, пандемијата значајно ги погоди капацитетите на државата и ги зголеми предизвиците за генерирање економски раст, забележан е умерен напредок за важни фискални и структруни реформи“, велат од Finance Think. 

Во однос на рамките на капацитетот на економијата да се справува со притисоците на конкуренцијата, Извештајот се фокусира на двата главни инпута: трудот и енергенсите и притоа ги дава следните препораки: забрзување на реформата во образованието и поддршка на дуалното образование, активнирање на невработените со ниски квалификации и загрозени лица; и воведување и импелментација на легислатива за енергетска ефикасност. 

Finance Think, којшто го истражил капацитетот на големите извозници да придонесат во развојот на дуалното образование, препорачува мерки за активација на несигурните работници по Ковид – 19, посочувајќи дека препораките и наодите се во директна релација со Извештајот на ЕК. 

Од друга страна, наведува Finance Think, Извештајот јасно укажува на тоа дека постои голема неусогласеност на пазарот на труд поради бавното реформирање на образовниот систем и нискиот степен на инвестиции во инфраструктурата кои негативно се одразуваат врз продуктивноста на трудот и конкурентноста на земјата.

Finance Think смета дека постои голем простор за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор за развој на дуалното образование и намалување на неусогласеноста на пазарот на труд. 

Во однос на странските директни инвестиции, Извештајот евидентира дека тие придонесуваат кон секторска диверзификација на економија, но ја нагласува и недоволната соработка помеѓу домашните и странските компании во структурата на синџирот на набавки, велат од Finance Think. 

„Извештајот евидентира и дека странските директни инвестиции придонесуваат кон секторска диверзификација на економијата, но ја нагласува недоволната соработка помеѓу домашните и странските компании во структурата на синџирот на набавки. Во Студија за политиките бр. 19 Finance Think веќе ги детектираше јазовите кои постојат помеѓу домашните и странските компании во земјата и предложи мерки за подобрување на процесот на стандардизација, зголемување на капацитетите на домашните компании и поедноставување и намалување на увозните процедури и давачки“, стои во коментарот на Finance Think.