Флексибилно работно време: што значи и зошто е важно
За многу работници денес воведување на флексибилно работно време е од клучно значење. Тоа се должи најмногу на периодот 2020-21, кога речиси сите кои ја имаа таа можност, се префрлија на работа оддома (на далечина).
Истражувањата покажуваат дека во одреден период (2022 година) флексибилното работно време било поважно и од платите. Според анкетата во извештајот „Луѓето на работа“ на Институтот за истражување ADP, спорведена на 32,000 работници во 17 земји, 71 % од нив се изјасниле дека флексибилното работно време им е од клучно значење.
Извештајот на ADP од 2024 година пак, нагласува дека работниците многу повеќе ја ценат флексибилноста на работните часови (25 %) отколку флексибилноста на локацијата од која работат (15 %). Ова покажува дека како што поминува времето, сѐ поголем акцент се става на работното време.
Што значи флексибилно работно време?
Накратко и без да звучиме како да држиме лекции – претставува работен ангажман кој на работниците им овозможува дискреција за тоа кога ќе го започнат и завршат работниот ден. Се разбира, потребно е да ги исполнуваат вкупните потребни часови и да се присутни за време на „клучните моменти“ (на пр. состаноци).
Зошто флексибилно работно време?
Во текот и по ковид пандемијата (голем дел од трендовите во работните односи се поврзуваат со овој период), работниците како да имаа епифанија дека од голема важност им се балансот помеѓу работата и приватниот живот и зачувувањето на менталното здравје. Преголемата преработеност неминовно води до burnout (согорување), што е потврдено и од страна на бројни стручни студии.
Познавачи: Флексибилното работно време не е привилегија, туку неопходност
Специјалистот за човечки ресурси, Трајнка Ќимова за Работник објасни дека во денешното динамично време, флексибилното работно време повеќе не е привилегија, туку неопходност.
„Вработените сѐ повеќе ја ценат можноста да ги усогласат професионалниот и приватниот живот, затоа што токму тој баланс ја храни нивната мотивација, продуктивност и лојалност“, вели Ќимова.
Според неа, организациите кои ја препознаваат оваа вредност и ја претовраат во практика, не нудат само услови за работа – тие градат култура на доверба.
„А таму каде што има доверба, има и ангажираност, посветеност и резултати што траат“, додава Ќимова.
Трендовите што започнаа на глобално ниво полека се одразуваат и кај нас.
Флексибилното работно време и македонските работници
Нема точни податоци за тоа колку македонските работници преферираат флексибилно работно време, но постојат одредени анкети кои делумно ги отсликуваат ставовите на дел од работниците.
Платформата за посредување при вработување „Vrabotuvanje.com.mk“, која редовно споредува анкети, летово ги праша луѓето што мислат за воведување на четиридневна работна недела и шест часовен работен ден. Резултатите од анкетата го покажаа следното:
• 41% – би избрале 4-дневна работна недела
• 31% – би сакале 6-часовен работен ден
• 28% – не би менувале ништо
Позитивен пример од Македонија
Делува дека поголемиот дел, освен во ИКТ секторот, од македонските компании не се расположени за флексибилно работно време во моментов, но постојат изолирани примери за кои редакцијата на порталот Работник веќе пишуваше. Имено, станува збор за сметководственото биро „Андреева Консалтинг“. Сопственичката Александра Иванова минатата година се одлучи да воведе четириднева работна недела и со тоа стана првата компанија во државата која направи таков чекор.
Тогаш Иванова во изјава за Работник го изјави следново:
„Го размислував веќе некое време и еве сега дојде моментот. Првично идејата ми дојде кога се погодија два-три продолжени викенди едно по друго, дека убаво ми дојде, и така некако се пренесе идејата за во фирмата да воведам.“
Прашана за тоа дали платите на вработените ќе им останат исти, Андреева одговори потврдно и објасни дека се осигурани на полно работно време, иако досега не го работеле полно, бидејќи претходно им овозможила да работат на скратено работно време.
Неколку месеци подоцна ја прашавме колку е задоволна од воведувањето на четиридневната работна недела во компанијата. Еве што ни одговори:
„Четиридневната работна недела за нас значеше една нова позитивна енергија на работното место и во работниот процес. Во ова брзо време во кое живееме и тоа како ни значи повеќе слободно време, па така оваа промена влијаеше на зголемување на продуктивноста, но и на взаемната почит на релација претпоставен-вработен. Кога тимот функционира како семејство сѐ е полесно, а четиридневната работна недела беше уште еден плус во приказната.“
Заклучок
Несомнено, флексибилното работно време котира високо на листата на приоритети на вработените. Иако за Македонија немаме конкретни податоци, анкетите покажуваат дека и македонските работници би сакале да го практикуваат овој модел на работа.

