ЕкономијаСвет

Германија подготвува промени: Пензионирање на 63 години ќе биде можно, но не за сите

Предлогот предвидува право на пензионирање без намалување на пензијата по 45 години стаж, но критериумот би бил висината на заработката во текот на работниот век.

Можноста за пензионирање на 63 години во Германија, односно заминување во пензија без намалување на пензискиот износ по навршени 45 години работен стаж, би можела да остане, но во изменет облик.

Демохристијанската унија (CDU/CSU) предложила компромисно решение до коалицискиот партнер Социјалдемократската партија на Германија (SPD), според кое правото на пензионирање без намалување на пензијата би го задржале само граѓаните со пониски приходи во текот на работниот век.

Предлогот, наречен „Пензија со почит“ (Respekt-Rente), доаѓа по политичките несогласувања околу иднината на оваа можност. Првично, владата разгледувала целосно укинување на моделот, но отпорот од социјалдемократите, како и од дел од покраинските премиери од редовите на CDU, довел до разговори за компромис.

Кој би имал право на пензионирање без намалување?

Според предлогот, критериумот повеќе не би бил видот на работата што ја вршел работникот, туку неговата заработка во текот на работниот век.

Правото на пензионирање без намалување на пензијата по 45 години стаж би го задржале оние кои во просек заработувале најмногу 70 проценти од просечната плата, односно остварувале најмногу 0,7 пензиски поени годишно.

Според предлагачите, оваа група најчесто вклучува работници кои извршуваат физички или психички исцрпувачки работи.

За оние кои во текот на работниот век заработувале повеќе од 70 проценти од просечната плата, би следувало редовно намалување на пензијата за делот од пензиските поени што го надминува утврдениот праг.

Во предлогот, исто така, би останало признавањето на периодите на грижа за деца и за членови на семејството, што е важен услов за да не се отежне пристапот до оваа можност, особено за жените.

Политички спор и можни буџетски заштеди

Комисијата на германската влада за пензискиот систем уште во јуни предложила укинување на можноста за пензионирање по 45 години стаж, со идеја да се воведе посебна заштитна пензија за работници со здравствени ограничувања.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц долго време се залагал за целосно укинување на моделот, аргументирајќи дека тоа би придонело за поголема правичност во пензискиот систем. Од друга страна, SPD се противи на укинување без соодветна алтернатива.

Економските експерти на германската влада проценуваат дека целосното укинување на можноста за пензионирање по 45 години стаж би можело да донесе годишни заштеди од 1,3 до 1,7 милијарди евра до 2030 година, доколку работниците навистина останат подолго на пазарот на трудот.

Коалицијата има краток рок за постигнување договор. Последната седница на германската влада за оваа година е планирана за 16 декември, до кога се очекува да се усогласат околу нацрт-законот и да се разреши повеќемесечниот спор.

Извор: b92.net