Германските компании повторно планираат отпуштања, нема подобрување на пазарот на труд
Германските компании стануваат сè повнимателни при вработувањето, а плановите за намалување на бројот на работници повторно добиваат на интензитет. Ова го покажува најновиот извештај на германскиот економски институт „Ифо“ (Ifo), објавен за ноември.
Индексот што ја мери подготвеноста на германските компании за вработување во ноември паднал на 94,7 поени, од 95,5 поени во октомври. Со тоа е прекинат трендот на раст што беше забележан во претходните три месеци.
„Пресврт на пазарот на труд сè уште не е на повидок“, изјави раководителот на истражувањето во институтот „Ифо“, Клаус Волрабе.
Во преработувачката индустрија состојбата повторно благо се влошила, а компаниите и понатаму планираат да работат со помал број вработени. Трендот на укинување работни места е особено изразен во автомобилската индустрија, додека значително намалување на бројот на работници се очекува и во производството на мебел.
Сепак, не сите индустрии се соочуваат со негативни перспективи. Производителите на опрема за обработка на податоци, како и на електронски и оптички производи, покажуваат подготвеност за вработување нови работници.
Во секторот услуги, плановите за вработување и отпуштање се речиси изедначени, додека компаниите од ИТ-секторот се особено претпазливи при приемот на нови работници.
Притисокот за намалување на бројот на вработени е ублажен во трговијата и градежништвото, но компаниите во двата сектора и понатаму планираат да работат со помал број работници, наведува „Ифо“.
Извор: b92.net

