Ги убиле еврата: Албанците туристичкиот успех го плаќаат со затворање на фабрики, пад на извозот и губење на работни места
Уште од почетокот на 2023 година албанските медиуми се’ почесто пишуваат за масовни откази и затворање на фабрики, особено во индустријата на облека и обувки, која претставува еден од клучните извозници и најголеми работодавачи во земјата.
Економистите објаснуваат дека основниот механизам зад овој тренд е прилично јасен и веќе потврден во пракса. Наглиот раст на туристичкиот сектор доведува до влегување на голема количина на странска валута во економијата, што ја јакне домашната валута. Последица на тоа е што албанскиот извоз станува поскап на странските пазари и со тоа помалку конкурентен, што директно ги погодува фабриките кои работат за европски брендови.
Во последните две години ситуацијата дополнително се влошила бидејќи растот на туризмот, приливот на евра и структурните промени во економијата довеле до зајакнување на лекот, што ја намалило профитабилноста на извозниот сектор. Посебно се погодени текстилните и чевларските фабрики, кои работат со ниски маржи и зависат од стабилниот курс и големите нарачки од Европска унија.
Како што нарачките започнале да паѓаат, фабриките го намалиле производството, ги затвориле погоните и отпуштиле работници, а дел од големите брендови започнале да го пренасочуваат производството во други земји со пониски тошоци.
Во исто време, додека туризмот носи рекордни приходи и го полни буџетот со девизи, извозната индустрија губи конкурентност и пазарен удел, што создава длабок структурен дисбаланс во економијата. Економистите предупредуваат дека продолжувањето на овој тренд би можело да доведе до понатамошни гасења на производството во трудовоинтензивните сектори, особено во регионите каде фабриките се главен извор на вработувања.
Иако на прв поглед се чини дека економијата го зајакнува туризмот, има се’ повеќе анализи кои укажуваат на тоа дека преголемата зависност од една гранка, како туризмот, може долгорочно да ги ослаби извозот и индустриската база на земјата.
Извор: Telegraf Biznis

