Грчката држава ќе им додели до 10.000 евра на семејства кои сакаат да се населат во пограничните области
Грчката држава ќе обезбеди финансиска помош до 10.000 евра за семејствата кои ќе одлучат да се преселат во пограничните области во државата. Во октомври ќе почне со работа посебна платформа за поднесување барања за преселба, јавија грчките медиуми.
Платформата е дел од сеопфатна иницијатива за обезбедување стимулации за демографски развој и поддршка за пограничните области.
Во интервју за ТВ Антена, министерката за социјална кохезија и семејство Домна Михаилиду изјави дека програмата за демографски развој, што почна во регионот Еврос, што граничи со Бугарија и Турција, се проширува.
„Во октомври ја отвораме платформата и ќе обезбедиме до 10.000 евра за преселба на семејства во пограничните области“, рече Михаилиду во интервју за телевизијата Антена. Иницијативата е наменета и за грчките граѓани кои моментално живеат во странство и сакаат да се вратат во својата татковина.
На пример, на островот Кастелоризо во Егејското Море, во близина на брегот на Турција, оние кои сакаат да се населат таму ќе добиваат годишна финансиска помош од 5.000 евра. За секое дете, семејствата ќе добијат дополнителни 1.000 евра. Планирани се градинка и училиште, а ќе има и дополнителни стимулации за најбараните специјалисти, како што се лекарите.

