Како Хенри Форд го вовел викендот и го променил начинот на живот
Пролетта 1926 година, додека поголемиот дел од американските работници и понатаму работеле шест дена неделно, Хенри Форд донел одлука која ќе го промени начинот на кој светот ги разбира работата, слободното време и продуктивноста. Компанијата Ford Motor Company преминала на петдневна работна недела од 40 часа, задржувајќи ги истите плати на работниците.
Во тоа време таквиот потег делувал речиси незамисливо. Работењето во фабриките на почетокот од 20 век било исцрпувачко: десетчасовни смени, шест или дури седум дена неделно. Индутриското произвдство растело со огромна брзина, но работниците биле потрошена роба. Токму во таквиот систем Форд препознал нешто што многу индустријалци не препознале – уморните работници не се добри ни за производство, ни за потрошувачка.
Не било само хуманизам – туку и деловна стратегија
Иако Форд често се претставува како визионер кој се грижел за работниците, историските извори покажуваат дека зад одлуката стоела многу прагматична логика. Неговите фабрики веќе на почетокот на 1910-ите имале огромен проблем со одлив на работна сила. Работењето на подвижна лента било монотоно и физички тешко, па работниците масовно давале откази.
Форд веќе во 1914 година ја шокирал индустријата кога им ги удвоил дневниците на работниците на пет долари дневно и им го намалил работното време на осум часа. Продуктивноста нагло пораснала, а компанијата полесно успевала да задржи квалификувани работници.
До 1926 година Форд отишол чекор понатаму. Неговата идеја била едноставна: ако работниците имаат повеќе слободно време, повеќе ќе трошат. А ако повеќе трошат, ќе ги купуваат и автомобилите кои ги произведува неговата компанија. Историчарите овој модел подоцна го нарекле „фордизам“ – систем во кој масовното производство зависи од масовната потрошувачка.
Форд верувал дека работникот не смее да биде само произведувач, туку и потрошувач. Така, викендот не само што станал време за одмор, туку и темел на модерната потрошувачка култура: патувањата, спортот, киното, шопингот и семејните излегувања започнале да се развиваат токму благодарение на слободните саботи и недели.
Притисокот од работничките движења
Сепак, би било неточно Форд да се претстави како единствен творец на модерната работна недела. Борбата за осумчасовно работно време траела со децении пред неговата одлука. Синдикатите во САД и Европа уште во 19 век организирале штрајкови и протести барајќи го правилото: „осум часа работа, осум часа одмор и осум часа сон“.
После Првата светска војна дошло до бран на масовни штрајкови во Америка. Работниците повеќе не биле спремни да ги прифатат старите работни услови. Форд делумно реагирал на и на овие општествени притисоци, сфаќајќи дека подобрите услови би можеле да го спречат незадоволството и јакнењето на синдикалното организирање.
Затоа историчарите нагласуваат дека петдневната работна недела била резултат и на работничката борба и интересите на крупниот капитал. Форд бил доволно паметен да сфати дека пократкото работно време не мора да значи помал профит. Напротив, продуктивноста во неговите компании продолжила да расте.
Наследство кое трае и денес
Одлуката на компанијата Ford Motor Company за брзо започнала да влијае и на другите индустрии. Во текот на наредните децении, петдневната работна недела станала стандард во САД, а потоа и ширум светот. Американскиот закон дури во 1940 година формално ја вовел работната недела преку Законот за фер услови за работа.
Денес, речиси сто години подоцна, светот повторно расправа за работното време – овојпат за четиридневна работна недела. Иронијата е во тоа што аргументите се многу слични на оние кои ги користел Форд во 1926 година: помалку часови не мора да значи и помала продуктивност.
Така, историјата покажува дека една од најголемите промени во модерната работа настанала кога индустријата за првпат сфатила дека човекот не е машина и дека одморот понекогаш може да биде најисплатливата инвестиција.
Извор: BIZLife.rs

