СветСиндикат

Во чекор со времето: Германија го укинува осумчасовното работно време

Германската владејачка коалиција подготвува големи промени на пазарот на трудот, а главниот дел од реформата се однесува на нов закон за работното време.

Планот предизвикува силни реакции кај синдикатите и работничките организации, кои предупредуваат на можно намалување на работничките права и дополнително оптоварување на вработените. Од друга страна, претставниците на работодавачите тврдат дека нема причина за паника.

Според плановите на владејачката коалиција составена од Унијата и СПД, досегашниот модел на осумчасовен работен ден би можел да биде заменет со неделна пресметка на работното време.

Наместо ограничување на бројот на часови по ден, би се следело вкупното работно оптоварување во текот на целата седмица.

Во коалицискиот договор се наведува:

„За конкретно обликување на овој модел, ќе спроведеме деталeн дијалог со социјалните партнери.“

Правилото за осумчасовен работен ден во Германија постои уште од 1918 година. Актуелниот закон пропишува:

„Дневното работно време на работникот не смее да надминува осум часа.“

Само во исклучителни ситуации е дозволена работа до десет часа дневно, пишува Fenix.

Претседателот на Здружението на германски работодавачи, Рајнер Дулгер, ги отфрли критиките и тврдењата дека новиот закон би можел да доведе до претерано долги смени.

„Никој нема да биде принуден да работи 13 часа дневно“, изјави Дулгер за мрежата RND.

Тој додаде дека стравувањата од експлоататорски смени се „целосно неоправдани“ и дека целта на реформата е создавање „модерен закон за работно време“ кој ќе овозможи поголема флексибилност за компаниите и вработените.

„Крутиот и строго дефиниран осумчасовен работен ден потекнува од времето на телеграфот и телефоните со бројчаник и едноставно повеќе не одговара на денешниот дигитален и глобален работен свет.“

Дулгер смета и дека Германија мора да го зголеми вкупниот број работни часови за да одговори на демографските предизвици.

„Со менталитет на општество кое работи половина работно време нема да успееме да ги совладаме демографските предизвици што се пред нас“, рече тој.

Освен реформата на работното време, претседателот на здружението на работодавачи бара и промени во законите што ја регулираат заштитата од отказ. Според него, компаниите би требало да имаат поголема слобода за прилагодување на пазарните околности.

„Мора повторно да го преиспитаме законодавството за заштита од отказ. Пофлексибилното право на отказ би можело да им помогне на компаниите побрзо да го приспособат вработувањето на новите пазарни услови и можности.“

Од друга страна, германските синдикати предупредуваат дека планираните реформи би можеле сериозно да ги загрозат постојните права на работниците.

Германскиот сојуз на синдикати (DGB) смета дека промените нема да ја подобрат положбата на вработените, туку ќе отворат простор за слабеење на заштитните механизми.

Претседателката на DGB, Јасмин Фахими, порача дека многу работници овие предлози ги гледаат како „еднострано оптоварување и укинување на заштитните права“.

Таа остро се спротивстави на реформата на законот за работно време, изјавувајќи:

„Во никој случај не сакаме да бидеме вратени во времињата во кои работниците живееле пред 1918 година.“

Предлог-законот би требало веќе во јуни да се најде пред пратениците, кога се очекува продолжување на жестоката политичка расправа за иднината на работата во Германија.

Извор: Vijesti.ba