Светот на работникот

Ќе се оди ли во пензија подоцна: ММФ и Светска банка ја отворија дебатата за работен век до 72 години

Прашањето за можни измени во македонскиот пензиски систем повторно е во фокусот, откако Владата им одобри на ММФ и на Светската банка да направат длабинска анализа на состојбите во државниот пензиски фонд. Во јавноста се отвори дебата и за евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање, при што како можен модел се споменува продолжување на работниот век и до 72 години, по примерот на одредени развиени економии.

Од Министерството за финансии нагласуваат дека не постои официјална ниту конечна владина одлука за промена на условите за пензионирање. Според надлежните, процесот е во рана фаза и моментално се анализира состојбата во првиот и вториот пензиски столб, додека идните препораки од меѓународните институции нема автоматски да значат и нивно целосно прифаќање. Во владата, засега, се разгледува и пристап што би овозможил поголема флексибилност – граѓаните да можат сами да изберат дали ќе се пензионираат порано, на 62 години, или доброволно ќе останат подолго на пазарот на труд.

Синдикатите внимателно го следат процесот и предупредуваат дека евентуално продолжување на работниот век до екстремно висока возраст не е во согласност со животниот век и здравствената состојба на работниците во земјава. Владата, од своја страна, најавува дека приоритет ќе останат фискалната стабилност и усогласувањето со европските стандарди, но без нарушување на социјалната сигурност, додека секоја идна реформа ќе мора да помине низ широк општествен дијалог и консензус.

Извор: Кариера