Економија

Светска банка: Расте задолжувањето на граѓаните во Македонија

Светска банка предупредува дека кредитирањето на домаќинствата го надминува корпоративното во повеќе земји од Западен Балкан. Во Македонија нефункционалните кредити се на ниво од 1,9 отсто, но брзиот раст на задолжувањето бара внимателно следење.

Кредитирањето на домаќинствата станува сè поважен двигател на банкарскиот сектор во Западен Балкан, а Македонија е меѓу земјите во кои квалитетот на кредитното портфолио е на високо ниво. Уделот на нефункционалните кредити кај македонските банки изнесува 1,9 отсто, што е најниско ниво меѓу шесте економии во регионот според најновите податоци наведени во извештајот на Светска банка.

Во „Редовниот економски извештај за Западен Балкан“, објавен на 27 октомври, Светска банка предупредува дека брзиот раст на кредитирањето на домаќинствата, намалувањето на профитабилноста и изложеноста на банките кон државниот долг се појавуваат како ризици што треба внимателно да се следат. За Македонија, извештајот покажува дека уделот на нефункционалните кредити во март 2026 година изнесувал 1,9 отсто. Тоа укажува на добар квалитет на кредитното портфолио, односно релативно мал дел од кредитите се класифицирани како проблематични.

Сепак, ниското ниво на лоши кредити не значи дека нема ризици. Светска банка посочува дека кредитирањето на приватниот сектор во регионот забрзало во 2025 година и на почетокот на 2026 година, со двоцифрени стапки на раст во сите шест економии. Во Македонија, податоците за февруари 2026 година покажуваат дека кредитирањето на домаќинствата и корпоративниот сектор бележи различна динамика. Извештајот ја вклучува земјава во анализата на растот на двата вида кредити, нагласувајќи го поширокиот тренд на зголемено задолжување на граѓаните во регионот.

Банките во Западен Балкан, според Светска банка, остануваат добро капитализирани и ликвидни. Просечната адекватност на капиталот изнесува 19,3 отсто, значително над минималниот праг од 8 отсто според Базелските стандарди. Ликвидноста, иако сè уште е на високо ниво, бележи намалување на клучните показатели во просек за 12 отсто од 2023 година. Дополнителен предизвик е профитабилноста. Просечниот принос на средствата во регионот е намален на 2,1 отсто, а приносот на капиталот на 15,4 отсто. Растот на некаматните расходи во сите шест економии дополнително ги притиска резултатите на банките.

Србија и Црна Гора со најизразен раст на кредитирањето

Во Србија најголем е јазот меѓу растот на кредитирањето на домаќинствата и на компаниите. Во јуни 2026 година кредитите за домаќинствата пораснале за 20 отсто на годишно ниво, додека корпоративните кредити бележат раст од 11,7 отсто. Светска банка наведува дека задолжувањето на граѓаните во Србија било поттикнато од олеснетите кредитни стандарди, поволните каматни стапки, промотивните понуди на банките, владините мерки за поддршка на заемопримачите со пониски примања и станбените кредити за млади.

Во Црна Гора, пак, вкупното кредитирање пораснало за 21 отсто на годишно ниво во декември 2025 година, што е највисоката стапка меѓу шесте анализирани економии во наведениот период. Во Босна и Херцеговина потрошувачките кредити пораснале за 10 отсто, а станбените за 21 отсто до април 2026 година. Во Албанија кредитирањето на приватниот сектор во вториот квартал од 2026 година пораснало за 14 отсто на годишно ниво, но банките се соочуваат и со зголемена изложеност кон државниот долг.

Светска банка оценува дека банкарскиот систем во регионот засега останува отпорен, со висока капитализираност и подобрен квалитет на кредитите. Но, забрзаното задолжување на домаќинствата, падот на профитабилноста и изложеноста кон државните обврзници се фактори што бараат засилен надзор. Според прогнозата на Светска банка, економскиот раст во шесте економии од Западен Балкан треба да забрза од 2,6 отсто во 2025 година на 3,1 отсто во 2026 година, а во 2027 и 2028 година да достигне 3,4 отсто. Растот се очекува да биде поттикнат од потрошувачката и инвестициите.