СветСветот на работникот

Дрекслмајер затвора фабрика во Зрењанин: Над 1.100 работници остануваат без работа

Германската компанија Дрекслмајер (Draexlmaier), која произведува кабелски системи за автомобилската индустрија, ќе ја затвори својата фабрика во индустриската зона во Зрењанин, Србија, до крајот на март 2027 година. Без работа ќе останат околу 1.100 вработени.

Одлуката е соопштена преку известување од раководството до вработените. Во него се наведува дека компанијата не успеала да обезбеди нов проект со кој би се гарантирала одржливата иднина на фабриката.

„За жал, не успеавме да обезбедиме нов проект за фабриката во Зрењанин. Како резултат на тоа, постојните проекти во фабриката ќе бидат прекинати до крајот на јануари 2027 година, а фабриката ќе биде затворена до крајот на март 2027 година“, се наведува во известувањето.

Постепено намалување на производството

Според планот на компанијата, постепеното намалување на производството до крајот на јануари 2027 година ќе влијае врз околу 85 проценти од вработените.

Исклучок ќе биде тимот задолжен за активностите неопходни за целосно затворање на фабриката, кои треба да завршат до крајот на март.

Од раководството порачуваат дека ќе ги исполнат преземените обврски и дека сите вработени ќе добијат договорена отпремнина, согласно Програмата за технолошки вишок и колективниот договор на компанијата.

Фабриката работи од 2008 година

Првата производна хала на Дрекслмајер во Зрењанин, со површина од 14.600 квадратни метри, беше отворена на 9 мај 2008 година. Производството започнало со 350 вработени, а почетната инвестиција била проценета на околу шест милиони евра.

Во 2012 година следувало проширување на производствените капацитети и отворање втора хала, додека во 2016 година била отворена и третата хала, со дополнителни 13.000 квадратни метри.

Во еден период компанијата вработувала повеќе од 6.000 луѓе и била најголем работодавач во Среднобанатскиот регион. Денес во фабриката работат околу 1.100 работници, кои сега се соочуваат со губење на работните места.

Извор: 021.rs