Коцевски: Нивното лицемерие се виде кога беше укинато „овластувањето“ во Законот за полиција
Следува кратко интервју со претседателот на Синдикатот на полиција во Македонија, Орце Коцевски. Во интервјуто тој зборува за моменталната економско – социјална положба на вработените во МВР, за критиките кои синдикатот ги упатува кон НСП и МПС и престојниот протест во кој ќе се вклучи и МПС.
Како би го дефинирале моменталниот социо – економски статус на вработените во МВР
„Моменталниот социо-економски статус на вработените во МВР во овој момент е комплексен и не целосно усогласен со тежината на работата и одговорноста што ја носат полициските службеници. Сите знаеме дека Полицијата е столб на безбедноста на државата, но за жал, во изминатите години социо-економскиот статус на многу вработени во МВР не го следеше темпото на раст на трошоците за живот и реалните потреби на полициските службеници и нивните семејства. Сведок за тоа беа катастрофалните одредби од стариот закон за внатрешни работи.
Иако има одредени поместувања во делот на платите и условите за работа во новиот ЗВР, тие сè уште не се доволни за да се обезбеди стабилен и достоинствен стандард.
Полицаецот работи во ризична професија, со ноќни смени, празници, психолошки притисок и висока одговорност, а тоа мора да биде адекватно вреднувано и платено.
Од синдикална перспектива, нашата цел е јасна – да обезбедиме подобри плати, подобри услови за работа, поголема социјална сигурност и почит кон професијата зошто само мотивиран и социјално сигурен полициски службеник може целосно да ја извршува својата мисија и задача – заштита на граѓаните и државата.
Затоа СПМ ќе продолжи активно да се бори за системски решенија кои ќе го подобрат статусот на полициските службеници и ќе го вратат достоинството на вработените во МВР.
Како синдикат веќе подолг временски период упатувате критики на контото на МПС и НСП. За нашите читатели да сфатат подобро можете ли да ни објасните за што точно се работи?
Во изминатиот период сведоци сме на срамно непознавање или манипулирање на двата лидери на најголемите синдикати во МВР. Срамно е повторно ќе кажам со такво непознавање на состојбите да тврдат дека платите во полицијата воопшто нема да се покачат. Доколку би го поставиле прашањето: Дали новиот Закон за внатрешни работи е поволен за вработените во МВР во делот за плата односно дали конечно основната плата ќе биде поголема или иста со минималната плата би одговориле со вистината а тоа е следното:
Со законот за внатрешни работи (службен весник на РМ број 160 од 05.08.2025 година за прв пат се исправа долгогодишната неправда која години наназад му се правеше на работникот на МВР. Да бидеме конкретни, според член 122 став 5 од овој закон „Основната плата утврдена за најнискиот вид на работно место во категоријата извршители со средно образование не може да биде пониска од минималната плата во државата утврдена со закон“.
Ова значи дека во иднина износот на основната плата нема да биде понизок од минималната плата и како во иднина ќе расте минималната плата во Републиката, согласно овој закон ќе расте и основната – платата на работникот во МВР. Тука ќе нагласам дека единствено двата синдикати „ги боли“ вистината и знаат дека кога ова прашање јавно го отвараше СПМ, кога јавно реагиравме, кога протестиравме и што ли уште не, тие, а посебно МПС беа заспани во зимски сон.
Дополнително нивното лицемерие се виде кога Собранието го укина популарното „овластување“ (додатокот за ризик) во Законот за полиција. Дали видовме некаква нивна реакција? Не. Единствено Нас како Синдикат не нападнаа со навреди и омаловажувања а збор за ова не изустија ниту пак кажаа дали сето ова е сторено со нивни „Амин“, а сите веќе знаат дека е тоа така.
Велите дека со протестите МПС ги манипулира вработените во МВР. На што се должи ова?
Ова е една од работите каде очигледно неспособноста на МПС од ден на ден излегува на виделина. Се повеќе вработени свесни се што се случува и повеќе не им пали финтата „пакетче“ и седи мирен цела година. Објавија неколку пати дека ќе протестираат. И добро е да протестираат. И треба да протестираат.
Но пак ќе повторам, мора да одговорат неколку прашања. Врз основа на што ќе излезат на протест, за каков протест повикуваат, бараат повисоки плати и поради што ги бараат?
Останува енигма прашањето зошто „Протестираат“ за повисоки плати, кога во овој момент единствено во рацете на МПС како една страна се одредбите од новиот колективен договор на МВР кој мора се донесе или измени постојниот пред 01.07.2026 година? Мора на секој да му биде познато дека со новиот Закон за внатрешни работи, бодовите за плата како и разните видови додатоци за плата не смеат и не можат да се донесат без согласност на МПС? Доколку ги предвидат додатоците за ризик или популарно „овластувањата“ во новиот КД и така без да „протестираат“ ќе има повеќе покачување отколку што бараат сега во моментот!
Најпросто речено, дали ќе има „овластување“ од 20% или 30% , за која категорија на работници ќе се однесува или истото повеќе нема да постои зависи исклучиво од МПС зошто тие треба да дадат писмена согласност за истото. Доколку попуштат и не ги предвидат а со тоа овластувањата заминат во историјата, вината единствено ќе биде нивна и на никого друг. СПМ како и секогаш ќе продолжи да зборува гласно, но одговорно и да ја зборува вистината без разлика на тоа дали тоа на некој му се допаѓа или не. И ќе остане на страната на секој полициски службеник што бара правда, почит и иднина вредна за нашата униформа вкулчувајќи го тука и повисокиот стандард.

