Занимливости

Леталото на НАСА се враќа на Земјата по 14 години: Тежи околу 600 килограми

Van Allen Probe A, вселенско летало на NASA тешко околу 600 килограми, по речиси 14 години во орбитата треба да се врати во Земјината атмосфера.

Според предвидувањата на United States Space Force, влегувањето во атмосферата се очекува во вторник околу 19:45 часот по источноамериканско време (среда во 00:45 по средноевропско време). Сепак, од НАСА предупредуваат дека постои можност за отстапување од околу 24 часа, пренесува BBC.

Сондата, лансирана во 2012 година, најверојатно ќе изгори при минувањето низ атмосферата, иако не се исклучува можноста дел од нејзините остатоци да стигнат до површината на Земјата.

Вселенската агенција процени дека ризикот од повреди предизвикани од пад на остатоци е „низок“, со веројатност од околу еден на 4.200. Засега не е познато каде точно леталото би можело да влезе во атмосферата, а од НАСА и Американските вселенски сили најавија дека ќе го следат неговото враќање и ќе објавуваат ажурирани прогнози.

Мисија што траеше седум години

Van Allen Probe A и нејзиниот „близнак“ Van Allen Probe B беа дел од мисија за собирање досега невидени податоци за двата постојани радијациски појаси што ја опкружуваат Земјата.

Иако мисијата првично беше планирана да трае две години, таа беше продолжена на речиси седум. Заврши дури кога леталата останаа без гориво потребно за насочување на соларните панели кон Сонцето.

Од 2012 до 2019 година, сондите минуваа низ прстените од наелектризирани честички заробени во Земјиното магнетно поле, познати како Van Allen radiation belts. Овие појаси ја штитат Земјата од штетно космичко зрачење и соларни бури кои можат да ја оштетат технологијата и да ги загрозат луѓето.

Мисијата доведе до значајни откритија, меѓу кои и првите податоци што го потврдија постоењето на привремен, трет радијациски појас. Според НАСА, тој може да се формира во периоди на засилена соларна активност.

За разлика од сондата A, враќањето на нејзиниот „близнак“, Van Allen Probe B, не се очекува пред 2030 година.

Извор: Index.hr