Вести

Македонските домаќинства фрлаат 86 кг храна годишно по жител, 17 кг над европскиот просек

Македонските домаќинства во просек фрлаат по 86 килограми храна годишно по жител, што е за 17 килограми повеќе од просекот во Европската Унија. Освен во домаќинствата, отпадот од храна во Македонија е над европскиот просек и во рестораните и малопродажбата.

Европските домаќинства во просек создаваат по 69 килограми по човек отпад од храна годишно, додека македонските домаќинства во просек фрлале по 86 килограми по човек храна во текот на годината.

Извештајот на Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) за индексот на отпад од храна за 2024 покажува дека светот годишно фрла 1,05 милијарди тони храна, што претставува дури 19% од вкупната храна достапна за потрошувачите.

Домаќинствата ширум светот фрлаат над 1 милијарда оброци секој ден и се одговорни за 60% од вкупниот отпад од храна, додека останатите 29% се од ресторани и хотели и 12% од малопродажбата во маркети.

Според УНЕП, домаќинствата во Македонија во 2024 година создале вкупно 179 311 тони отпад од грана, што е околу 86 килограми по човек годишно. Рестораните и услугите за исхрана, пак, создале 51 283 тони отпад или околу 25 килограми по човек годишно. Во малопродажбата биле создадени вкупно 30 755 тони отпад од храна или по 15 килограми по човек годишно.

Ако се споредат податоците по сектори македонските домаќинства создаваат по 17 килограми по човек повеќе отпад од храна од европскиот просек, рестораните и услугите за изхрана по 10 килограми над европскиот просек, додека во малопродажбата се создаваат 5 килограми повеќе отпад од храна по човек годишно.

На ниво на Европската Унија, според податоците на Евростат, во 2024 година секој граѓанин генерирал по околу 129 килограми отпад од храна, вклучително и јадливите и нејадливите делови, што претставува благ пораст од 0,7% во споредба со 2023 година.

Отпадот од домаќинствата сочинува повеќе од половина од вкупниот отпад од храна (53%), односно 69 кг по лице, додека уште 12% биле создадени од рестораните и услугите за исхрана (15 кг по жител). Останатите 35% се во претходните фази од синџирот на снабдување со храна: 19% при производството на прехранбени производи и пијалаци (25 кг по жител), а по 8% во примарното производство и во малопродажбата и другите видови дистрибуција на храна (по 10 кг по жител).

Во Македонија нема официјална статистика за количеството на фрлена храна и се мери само вкупно собран органски отпад во кој влегува храна, лисја и слично.

Целиот текст на Агротим