Занимливости

„Матица македонска“ започнува десетдневна програма во која Македонија се чита

По повод Илинден, книжевната програма „Зад датумот“ ќе ги поврзе историското паметење, јазикот, културното наследство и книжевноста, а ќе отвори и две јавни иницијативи за читателите и библиотеките

Го знаеме датумот. Но зад 2 Август стои многу поширока приказна – луѓето што ја живееле историјата, зборовите со кои ја именувале Македонија, идеите со кои ја замислувале нејзината слобода и книгите во кои го запишале своето време.

Под мотото „Овој Илинден, Македонија се чита“, „Матица македонска“ денес ја започнува книжевно-културната програма „Зад датумот“, која ќе трае од 29 јули до 7 август. Десетдневното времетраење е симболичен книжевен одглас на десетте дена на Крушевската Република.

Секој ден ќе отвора различна тема: личните сведоштва зад историските настани, македонскиот јазик и државотворната мисла, грбовите и симболите, културното наследство, современата македонска проза и поезија, како и искуството на заминувањето, враќањето и припадноста.

Програмата се одржува во годината кога се навршуваат 35 години од независноста на Македонија и 35 години од основањето на „Матица македонска“. Двата јубилеја се поврзуваат со две јавни иницијативи што треба да остават видлив резултат и по завршувањето на програмата.

Преку повикот „Една книга. Една реченица.“, читателите ќе предложуваат книги што им откриле нешто важно за Македонија. Од нивните предлози ќе биде подготвен изборот „35 книги преку кои читателите ја читаат Македонија“. Истовремено, една училишна или локална библиотека ќе добие фонд од 35 книги, избран според нејзините корисници и реалните потреби на постојната збирка.

Од „Матица македонска“ посочуваат дека Илинден не е само датум што се одбележува, туку паметење што треба одново да се чита, и дека програмата „Зад датумот“ ја поставува книгата како простор во кој повторно се среќаваат историјата, културата и личното искуство.

Од 29 јули до 7 август, во книжарниците и онлајн ќе биде достапна и посебна илинденска акциска понуда со книги поврзани со темите на програмата.

Овој Илинден, Македонија се чита.