ЕкономијаМакедонија

Мицкоски: Македонија со најниска инфлација во регионот – имаме план и резерви за секој предизвик

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија во јуни ја забележала најниската инфлација во регионот, оценувајќи дека Владата успешно се справува со економските предизвици и покрај глобалната нестабилност.

Тој посочи дека актуелните воени конфликти во Украина и на Блискиот Исток влијаат врз светската економија и цените на енергенсите, но увери дека државата располага со доволни резерви и навремено снабдување за граѓаните и стопанството.

„Во јуни успеавме да имаме најниско ниво на инфлација во споредба со сите држави во регионот. Особено радува што инфлацијата кај храната е околу 2,5 проценти, а кај облеката и обувките околу 2,1 процент“, рече Мицкоски.

Според него, најголем придонес кон инфлацијата имаат цените на тутунските производи, алкохолот и транспортните услуги, што, како што истакна, е последица на високите цени на горивата на светските пазари.

Премиерот нагласи дека цените на горивата се формираат на меѓународните берзи и не зависат директно од политиките на Владата, додавајќи дека Македонија има едни од најниските цени на горивата во регионот.

Тој изрази надеж дека стабилизирањето на состојбата на Блискиот Исток ќе придонесе за попредвидливи економски услови, но истакна дека Владата има подготвен план и во случај кризата да продолжи.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, Мицкоски оцени дека негативните прогнози за банкрот на државата и мигрантска криза не се оствариле, нагласувајќи дека, според него, финансиската состојба на државата е стабилна и дека Владата останува фокусирана на реализација на своите приоритети.