НОВ УДАР ЗА ЕВРОПА Инфлацијата скокна на 4 проценти, највисока во последните три години
Цените во еврозоната продолжуваат да растат, а главен виновник е поскапувањето на енергенсите.
Годишната инфлација во еврозоната се забрза на 4 проценти во октомври, во споредба со 3,8 проценти во септември, достигнувајќи го највисокото ниво во последните три години. Ова го покажува прелиминарната проценка на Евростат, а објавените податоци се во согласност со очекувањата на економистите. Основната инфлација, која не ги вклучува цените на енергијата и храната, остана непроменета на 2,5 проценти.
Главниот двигател на новото забрзување е растот на цените на енергенсите, пред сè на нафтата и природниот гас. Истовремено, инфлацијата во услужниот сектор достигна 3,3 проценти, цените на индустриските производи пораснаа за 1,2 проценти, а непреработената храна поскапе за 4,6 проценти на годишно ниво.
Со инфлација од 4 проценти, растот на цените е двојно повисок од целта на Европската централна банка, која изнесува 2 проценти. Дополнителен ризик претставуваат ниските залихи на гас и можноста поскапувањето на енергијата да се пренесе врз цените на останатите производи и услуги.
Според „Фајненшл тајмс“, забрзувањето на инфлацијата ги засилува очекувањата дека Европската централна банка ќе продолжи со затегнување на монетарната политика. ЕЦБ веќе двапати ги зголеми каматните стапки од почетокот на војната меѓу САД и Иран во февруари.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, предупреди дека долготраен енергетски шок може истовремено да ја зголеми инфлацијата и да го забави економскиот раст.
Пазарите очекуваат референтната каматна стапка на депозитните расположливи средства да достигне 2,75 проценти до февруари, во однос на сегашните 2,50 проценти. Веројатноста за ново зголемување на каматите уште во декември веќе се проценува на околу 70 проценти.
Економистите на „Пимко“ исто така очекуваат зголемување на каматните стапки во декември, но сметаат дека за понатамошно затегнување ќе бидат потребни појасни докази дека поскапата енергија се прелева и врз основната инфлација.
Дополнителен аргумент за ЕЦБ е економскиот раст. Економијата на еврозоната порасна за 0,4 проценти во третиот квартал, двојно повеќе од очекувањата на економистите, што ѝ остава дополнителен простор на централната банка за затегнување на монетарната политика.
Сепак, клучното прашање останува дали енергетскиот шок ќе предизвика нов бран поскапувања и ќе ги принуди централните банкари повторно да ги зголемат каматите.

