ЕкономијаМакедонија

Мицкоски – Мизо: Македонската економија оди кон консолидирање, 55% од странските инвеститори планираат нови вложувања

Македонската економија оди кон стабилизација, а 55% од странските инвеститори планираат повторно вложување, порачаа денеска премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Советот на странски инвеститори во земјава, Виктор Мизо, по средбата во Стопанската комора.

“Имавме плодна и успешна дискусија.”

“За нас, странските инвеститори се од непроценливо значење, исто како и домашните, бидејќи економијата е еден од главните столбови на работењето на оваа Влада и сите нејзини компоненти се составен дел од напорите за подобра економија.”

“Чувствуваме дека, полека, но сигурно, се движиме кон стабилизација, дури и во услови на значајни глобални предизвици.”

“Сметам дека македонската економија се насочува кон фаза на консолидација. Се разбира, предизвиците нема да престанат, тие ќе продолжат, но ние настојуваме да ги предвидиме и преку нивното предвидување да пронајдеме решенија.”

“Колку е државата посилна, толку повеќе вреди бизнисот, толку повеќе вреди имотот. Колку е посилен бизнисот, толку и државата станува помоќна. Затоа е многу важно да имаме ликвиден бизнис и економија, таа економија навремено да ги исполнува своите обврски кон државата и буџетот. Со тие обврски и со солиден и ликвиден буџет, ќе можеме да обезбедиме повеќе капитални инвестиции, да вложиме повеќе во здравството, во образованието, во земјоделието, да имаме повисоки пензии и плати,” изјави Мицкоски по средбата. Тој додаде дека Владата ќе ги анализира критиките и аргументите изнесени на состанокот.

“Ќе ги анализираме и таму каде што можеме да бидеме подобри, следната година ќе се потрудиме да бидеме подобри.”

“Задоволен сум од фактот што процентот на компании кои се задоволни од бизнис климата и кои се подготвени да ги прошират своите инвестиции во земјата, расте двоцифрено. Секако дека ќе има предизвици, но ние како Влада сме мотивирани и сакаме да ги решаваме тие предизвици. Како што тоа сме го правеле многупати во минатото, така и во иднина ќе се бориме за секоја инвестиција, за секое евро вложено во земјата, бидејќи цениме дека со секое вложено евро, со секој вложен денар, ќе имаме побогата и постабилна земја, што значи дека имотот на нашите граѓани и бизнисите на претприемачите ќе вредат повеќе,” потенцира премиерот и додаде дека следниот квартален состанок со инвеститорите ќе се одржи во средината на јуни.

Според Мизо, на средбата се разговарало и за намалувањето на царинските стапки за 50%, што се очекува да стапи на сила од 1 јули годинава.

“Педесет и пет проценти од компаниите донесоа позитивна одлука за реинвестирање во државата, што претставува зголемување за 13 процентни поени во однос на анкетата од 2024 година. Разговаравме и за останатите отворени прашања, како дополнителното намалување на царинските стапки за 50% од 1 јули годинава. Ова значи дека ќе постигнеме целосна хармонизација и поголема конкурентност на нашето производство, на исто ниво со конкурентноста во земјите од ЕУ,” рече Мизо по средбата.