ЕкономијаСвет

„На нашиот нов и прекрасен Гренланд се подготвуваат масовни истражувања“

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека на Гренланд, за кој ја употреби придавката „наш“, се подготвуваат истражувања на нафта, гас и минерали.

„Се подготвуваат масовни истражувања на нафта, гас и минерали на нашиот нов и прекрасен Гренланд! Има експерти кои велат дека количеството лесно достапна нафта е далеку поголемо отколку на речиси кое било копно каде било во светот, а што е уште поважно, од безбедносни причини, за одбраната и нападот и на Соединетите Американски Држави и на Европа, тоа е без конкуренција. Секој иден напад врз Соединетите Американски Држави ќе мора да се случи преку Гренланд, каде што нашата одбрана рутински ќе соборува дронови, ракети или кој било друг вид оружје што сè уште не е ни осмислен“, наведе Трамп во објава на платформата Truth Social.

Трамп изјави дека американското присуство на Гренланд „обезбедува време, локација и видик какви што нема никаде на друго место во светот“.

Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд, кој е автономна територија во рамките на Данска, на 22 септември во Њујорк потпишаа безбедносен договор со кој се предвидува проширување на постојната американска база на Гренланд и изградба на две нови воени бази.

Според изјавите на американската страна, договорот е траен, нема рок на истекување и не може еднострано да се раскине. Данските власти и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, оценија дека нивните „црвени линии“ биле испочитувани и дека договорот ја зајакнува безбедноста на Арктикот и во областа на Северниот Атлантик.

Извор: b92.net