НАГРАДА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ – АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗВОЈ (UNCTAD), ЗА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МКЕДОНИЈА
Иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија за унапредување на декарбонизацијата и корпоративната одржливост е меѓу трите највисоко оценети иницијативи од целиот свет на ISAR Honours 2026, признание на Меѓувладината работна група на експерти за меѓународни стандарди (ISAR) при УНКТАД – UN Trade and Development.
Признанието беше добиено на свечената церемонија во Женева, а во процесот на селекција учествуваа организации и институции од различни региони во светот. Со ова признание, пристапот на Стопанската комора е препознаен на меѓународно ниво како практичен модел што ги поврзува политиките, градењето капацитети и конкретните деловни решенија со глобалната агенда за одржлив развој.

Иницијативата „Унапредување на декарбонизацијата и корпоративната одржливост преку развој на политики, градење капацитети и практични деловни решенија: искуството на Стопанската комора“, им помага на компаниите да преминат од поединечни активности кон систематско мерење, следење и известување за нивните резултати за одржливоста.
Пристапот на Комората ги обединува Онлајн Водичот за декарбонизација, Водичот за CBAM „чекор по чекор“, Центарот за циркуларна економија и програмите за ESG и известување за одржливоста. Преку практични методологии и секторски насоки, компаниите добиваат поддршка за мерење на емисиите, поставување цели, подготовка на патокази за декарбонизација и известување за одржливоста.
„Зелената трансформација не е далечна цел – таа е можност за компаниите денес. Затоа го основавме Центарот за циркуларна економија и го изработивме Водичот за декарбонизација, со цел да им помогнеме на компаниите полесно да се движат низ процесот на зелената транзиција“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

Седиштето на UNCTAD – Агенцијата за развој на Обединети Нации во Женева
Досега, преку активностите на Комората се поддржани повеќе од 180 компании, од кои над 35 компании добиле директна стручна поддршка за подготовка на извештаи за одржливост и патокази за декарбонизација. Во специјализираните обуки учествувале над 850 претставници на деловната заедница, а активностите придонеле кон реализација на над 18 милиони евра зелени и инвестиции во циркуларната економија.Истражувањата покажуваат и раст од над 60 проценти во свеста, разбирањето и подготвеноста на компаниите за зелената транзиција и поврзаните барања за известување.
Со оваа иницијатива, Стопанската комора создава практична инфраструктура за одржливост – од знаење и градење капацитети, преку алатки и методологии, до мерење, податоци и известување. Целта е компаниите не само да ги разберат новите барања, туку да можат да ги претворат во конкретни деловни одлуки, подобро управување со ризиците и нови можности за инвестиции и конкурентност.
Стопанската комора ќе продолжи да ги развива практичните алатки, обуките, менторската поддршка и регионалната соработка, со цел компаниите полесно да ја претворат одржливоста во мерливи резултати, подобра конкурентност и долгорочна деловна вредност, посочи претседателот Азески.

