Никогаш не носете големи одлуки во петок: шеф на банкарски гигант објаснува зошто
Донесувањето важни деловни одлуки на крајот од работната недела може да биде сериозна грешка поради замор и пад на концентрацијата, предупредува Џејми Дајмон, извршен директор на JPMorgan Chase. Тој нагласува дека најважните одлуки не треба да се носат „во петок кога сте исцрпени“.
Размислувате да донесете важна одлука по долга работна недела? Можеби е подобро да почекате.
Дајмон ја сподели една од најважните лекции од својата кариера – големите одлуки не треба да се носат во петок.
„Донесувањето големи одлуки во петок кога сте уморни е навистина лоша идеја“, изјави тој во интервју за NPR, пренесува Business Insider.
Заморот од одлучување на крајот од неделата
Овој совет Димон го сподели одговарајќи на прашањето што би сакал да го знаел порано во животот, по речиси 22 години на чело на една од најголемите банки во светот според пазарна капитализација. Неговото тврдење го потврдуваат и експертите.
Томас Рул од универзитетот во Кембриџ за Business Insider изјави дека станува збор за феномен познат како „замор од одлучување“.
„Како извршен директор, ако носите одлуки цела недела без време за одмор, когнитивните ресурси и способноста да се обработат сите информации потребни за правилна одлука се исцрпуваат до петок“, објаснува тој.
Притисокот да се заврши сè пред викенд
Проблемот дополнително се влошува поради психолошкиот притисок што доаѓа со крајот на неделата.
„Извршниот директор може да биде во брзање да донесе одлука поради приближувањето на викендот, што може да значи недостаток на информации или време за консултација со вистинските луѓе“, додава Рул.
Во вакви околности, дури и најискусните лидери можат да направат погрешен потег.
Емоционалната дисциплина – клуч за лидерство
Дајмон во интервјуто ја нагласи и важноста на контролата на емоциите при донесување одлуки.
„Гневот не помага“, вели тој, предупредувајќи дека ваквите реакции можат тивко да го нарушат расудувањето. Овие увиди ги опишува како лекции што „ги научил и повторно ги учел“ низ својата кариера, признавајќи дека и понатаму понекогаш ги повторува истите грешки.
„Смислата во животот“ поважна од среќата
Говорејќи за поширокото значење на животот и работата, Дајмон истакна дека пораснал со идејата дека човек треба да има цел.
„Да се однесува добро со сите, да работи најдобро што може, да го направи светот подобро место – и тоа не се променило“, рече тој.
Повикувајќи се на Декларацијата за Независност на САД, објасни дека изразот „потрага по среќа“ често се толкува погрешно.
„Кога рекле потрага по среќа, не мислеле на среќа како што ние ја разбираме, туку на цел“, нагласи Дајмон.
Тој додаде дека таа цел може да има различни форми – од уметник, политичар, новинар, до деловен човек или негувател.
Хероите на секојдневието
На крајот, Дајмон потсети на приказна за добитник на „Медал на честа“, кој подоцна сфатил дека вистинските херои се луѓето кои секојдневно им помагаат на другите.
„Тие никогаш не се откажуваат и тоа го прават и во здравје и во болест. Тоа е смислата – да го направите светот подобро место на начин на кој можете да придонесете“, заклучи тој.
Извор: Bizportal.rs

