Нов енергетски удар за Европа: Нафтата над 105 долари, гасот драстично поскапе
Европа се соочува со нов притисок врз енергетскиот пазар откако повторно забрза растот на цените на нафтата и природниот гас. Цената на барелот ја надмина границата од 105 долари, додека гасот на европските берзи бележи драматично поскапување.
Состојбата особено ги загрижува европските земји во пресрет на зимата. Според проценките, трошоците за енергија може да бидат еден од најголемите економски предизвици во наредните месеци, во услови на зголемена неизвесност на глобалниот пазар и нарушувања во снабдувањето.
Цената на природниот гас на европскиот пазар во моментов е околу 150 отсто над нивото од почетокот на годината.
Дополнителен проблем претставува состојбата со резервите. Европските складишта се исполнети со околу 67 проценти, што е значително под целта поставена за почетокот на грејната сезона.
Според европските правила, земјите членки треба да обезбедат наполнетост на складиштата од 90 проценти до 1 ноември, додека во исклучителни околности може да се примени пониско ниво, односно 80 проценти.
Европа сè позависна од ЛНГ
Еден од клучните фактори зад растот на цените е зависноста на европскиот пазар од глобалното снабдување со течен природен гас (ЛНГ).
Нестабилноста на Блискиот Исток дополнително ја зголемува неизвесноста. Секое нарушување на глобалните транспортни и трговски текови може да предизвика нов ценовен шок на европскиот енергетски пазар.
Во такви услови, европските држави се обидуваат навреме да обезбедат доволни количини енергенси за зимата, но високите цени го отежнуваат процесот на надополнување на резервите.
Дериватите поскапуваат побрзо од нафтата
Особено загрижувачки е развојот на пазарот на нафтени деривати. Дизелот, бензинот и керозинот во одредени сегменти поскапуваат побрзо од самата сирова нафта.
Пазарните аналитичари предупредуваат дека, доколку продолжат актуелните трендови, цената на барелот би можела да се приближи и до 120 долари.
Причината не е само поскапувањето на суровината. Сè поголем проблем претставува ограничениот капацитет на рафинериите, што го намалува производството на готови горива.
Овој дисбаланс меѓу цената на сировата нафта и нафтените деривати е познат како „дизел крек“ – разлика која покажува колку е профитабилно преработувањето на нафтата во дизел.
На пазарот дополнителен притисок создаваат и геополитичките ризици, особено случувањата поврзани со Ормускиот теснец, како и нарушувањата предизвикани од војната во Украина.
Рекордни рафинериски маржи во САД
Состојбата на американскиот пазар покажува колку е сериозен недостигот на дизел.
На почетокот на септември маржата за производство на дизел од сирова нафта во американските рафинерии достигна историски високо ниво – над 106 долари за барел.
Поради високата побарувачка и недоволните количества, САД го зголемија извозот на дизел. Дополнителен притисок се очекува со почетокот на есента, кога расте потребата за гориво поради грејната сезона, но и поради зголемените земјоделски активности во делови од светот.
Зголемениот извоз дополнително ги намалува американските резерви на дизел, кои се на исклучително ниски сезонски нивоа.
И цените на бензинските станици во САД остануваат високи. Според податоците на Американската автомобилска асоцијација, малопродажната цена на дизелот достигнала околу 5,63 долари за галон, што е близу до највисоките нивоа забележани по почетокот на конфликтот со Иран.

