Нудат сместување, храна и плата до 2.200 евра, но никој не сака да работи: „Денес постојат поинакви работни навики“
Условите вклучуваат работа во ресторан од висок стандард, сместување во модерни објекти во близина на хотелот, обезбедени оброци и сигурна плата, но на огласот за работа речиси никој не се пријавил.
Италијанскиот угостителски сектор се бори со долгогодишен недостиг на работна сила, а ситуацијата во елитното зимско одморалиште Мадона ди Кампиљо е вистински пример за тоа.
Андреа Алфиери, главен готвач на еден хотел, повторно ја отвори оваа тема, токму во момент кога изгледа дека условите за работа никогаш не биле подобри.
Иако нуди плата од 1.600 до 2.200 евра, со обезбедено сместување, храна и осумчасовно работно време, пријавите за работа речиси и да не пристигнуваат.
Според неговите зборови, младите денес се сè помалку подготвени да прават компромиси, дури и кога станува збор за работа во престижни хотели. По празниците, на почетокот на јануари, бил објавен оглас за работа во кујната на хотел со четири ѕвезди од супериор категорија, но одзивот бил изненадувачки слаб.
Условите вклучуваат работа во ресторан од висок стандард, сместување во модерни објекти во непосредна близина на хотелот, обезбедени оброци и сигурна плата.
„Ова не е првпат. И кога работев во Милано, беше тешко да се најдат работници. Секоја година ситуацијата е сè полоша. Проблемот веќе не е локален, туку национален“, истакнува тој.
Како што објаснува, работата во угостителството подразбира напорни смени, работа за викенди и празници, како и најголемо оптоварување во текот на сезоната.
„Ова не се лесни работи. Кога јас почнував, тоа се сметаше за нормално. Денес младите сакаат поинаков ритам“, вели тој и додава дека токму работното време е главната причина за откажување на кандидатите.
Структурата на платите во хотелот е многу јасна: помошните готвачи заработуваат меѓу 1.600 и 1.700 евра, додека шефовите на кујна и раководителите на смени примаат од 1.900 до 2.200 евра месечно. Покрај тоа, персоналот има на располагање модерни и целосно опремени двокреветни соби во непосредна близина на хотелот.
„Иако тоа не се луксузни апартмани, станува збор за нови, чисти и пријатни простории. Максимално се трудиме да обезбедиме квалитетни услови“, истакнува Алфиери.
Според неговото мислење, сржта на проблемот е во промената на приоритетите кај помладите генерации. Работата во угостителството бара ангажман за викенди и празници, што на младите денес сè помалку им е прифатливо.
Проблемот со недостигот на работна сила во угостителството последниве години сè повеќе се продлабочува. Според податоците на италијанските здруженија, повеќе од 250.000 работни места во овој сектор останале непополнети во текот на 2025 и 2026 година.
Како причини се наведуваат променетите работни навики на младата генерација, желбата за флексибилно работно време, работа од дома или во дигитални занимања, како и сè помалата подготвеност за сезонска и сменска работа.
„Ниту моето CV, ниту искуството во големите градови повеќе не значат многу. Времињата се сменија“, заклучува готвачот.
Угостителите во Италија предупредуваат дека без системски промени, подобри договори, пофлексибилни смени и дополнителни бенефиции, овој сектор нема да може да се опорави.
Извор: EUpravo zato / Vecernji.hr

