Колумни

ОД УСТАВЕН ДЕБАКЛ, ДО ЕКОЛОШКИ СПЕКТАКЛ

Колумна на Александра Иванова, овластен сметководител

Вчера нè лечеа, денес ќе пошумуваме! Во земјата на апсурдите, каде што институционалната одговорност е митолошко суштество, а самокритиката непознат поим, Институтот на сметководители и овластени сметководители реши да ни приреди нова епизода од својата богата забавна програма.

Пред само неколку дена Уставниот суд го ПОНИШТИ Правилникот за контрола на квалитетот. Не го дополни. Не го коригира. Не му предложи козметички измени. Го поништи. И што направија нашите професионални чувари на законитоста? Ни објаснија дека и понатаму имаат право да вршат контроли. Браво! Никој не ви го оспорува тоа право. Ви ја оспоруваме способноста да го практикувате во рамките на законот.

Но, да не бидеме неправедни. По ваков институционален успех, нормално е раководството да се посвети на вистинските приоритети. Па така, вчера добивме електронска порака со наслов „Нова придобивка за членовите на ИСОС: приватно здравствено осигурување за вас и семејството”. Колку внимателно! По сите нервози што ни ги приредија, решиле да ни обезбедат лекување. На наш трошок, се разбира!

А денес? Денес пристигна нова покана.

Акција за пошумување! Фантастично. Прво нè лечат, па нè праќаат да садиме дрвја. Можеби идејата е симболична: да засадиме нова шума, бидејќи од дрвјата очигледно одамна не го гледаат законот. Или можеби се подготвува нов Правилник за контрола на квалитетот на фотосинтезата. Со задолжителна Методологија, се разбира, објавена на веб-страница, а со важност од вчера.

Не би ме изненадило да побараат и договор со секое засадено дрво, со увид во сите договорни одредби, нормално. Да се провери дали коренот е усогласен со етичките принципи. Ако дрвото одбие да ја достави документацијата, ќе се констатира критична неусогласеност и ќе му се наложи мерка: во рок од 60 дена да пушти нови корени.

Сè ова би било симпатично, кога не би било трагикомично. Бидејќи додека нè канат да се лекуваме и да пошумуваме, остануваат неодговорени многу посериозни прашања. Кој ја презема одговорноста за донесувањето и примената на поништениот Правилник? Што ќе се случи со контролите спроведени врз негова основа? Што со мерките изречени кон сметководителите? И кој ќе ги сноси последиците ако се утврди дека со нив биле повредени нечии права?

Не, поништувањето на Правилникот не значи дека престанува законската надлежност за контрола. Но значи дека не може бесконечно да се повикувате на законитост, а да го игнорирате прашањето за сопствената одговорност.

И додека чекаме одговори, можеби утре ќе добиеме покана за јога, задутре за медитација, а до крајот на неделата и за колективно ослободување од негативна енергија.

Само една активност упорно недостига во програмата: преземање одговорност. Но, веројатно за неа сè уште немаат изработено Методологија. А и да ја изработат, останува прашањето дали ќе ја објават во „Службен весник”.

Во броjките веруваме. Во бајките, малку потешко.

*Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник