Отпуштаат повеќе од 4.000 вработени: „Подобро одеднаш отколку постепено“
Компанијата Block, основана од коосновачот на Твитер Џек Дорси, најави дека ќе отпушти околу 40 отсто од својата работна сила. Главната причина, според раководството, е брзиот напредок на вештачката интелигенција, кој овозможува поголема продуктивност со значително помали тимови.
Откази ќе добијат повеќе од 4.000 вработени, со што бројот на вработени во компанијата ќе се намали од над 10.000 на помалку од 6.000. Block стои зад познати финансиски сервиси како Square, Cash App и Afterpay.
Во писмо до акционерите, Дорси објасни дека помали, но високо талентирани тимови, со користење на AI алатки, можат да постигнат подобри и побрзи резултати. „Можностите на интелигентните алатки растат од недела во недела и го менуваат значењето на градењето и водењето компанија“, напиша тој.
Финансиската директорка Амрита Ахуја додаде дека компанијата гледа шанса за побрз напредок токму преку помали тимови кои автоматизираат голем дел од работата со помош на вештачка интелигенција, пренесува CNN.
Дорси на платформата X нагласи дека отпуштањата не се резултат на деловни проблеми. „Нашето работење е силно, бруто-добивката и понатаму расте“, истакна тој. Според него, многу други компании заостануваат со ваквите промени и во наредната година ќе спроведат слични структурни резови.
„Подобро е да дејствуваме проактивно и искрено, отколку подоцна да бидеме принудени да реагираме“, порача Дорси, нагласувајќи дека претпочита веднаш да се намали бројот на вработени, наместо постепено отпуштање со месеци или години.
Овој потег доаѓа во период кога вештачката интелигенција силно го менува пазарот на труд во технолошкиот сектор. Во изминатата година слични масовни отпуштања спроведоа и компании како Amazon, Meta, Microsoft и други.
Извор: b92.net

