„Out of Office“ е новиот статусен симбол: Како одморите станаа симбол на моќта
Порано, статусот на моќ се мереше според бројот на состаноци, големината на канцеларијата и бројот на мејлови на кои ќе успееш да одговориш во текот на денот. Денес? Статусен симбол е да имаш автоматски одговор „Out of Office“ кој вели: „Моментално сум во Португалија. Учам да сурфам. Ќе се јавам кога ќе фатам бран – и сигнал.“
Во ера на хиперпродуктивност и постојана достапност, најголемиот симбол на моќ повеќе не е само Тесла, часовник или канцеларија на последниот кат, туку вистински, искрен, дигитално тивок одмор. Оние што можат да си го дозволат луксузот на недостапноста, праќаат јасна порака: „Толку добро работам што можам да исчезнам.“
Во свет каде што достапноста е стандард, недостапноста стана луксуз. Тие што навистина можат да се исклучат, без грижа на совест, без „само да го проверувам мејлот“, најчесто се токму тие што се на врвот.
CEO и Out of Office
Сè почесто се појавуваат креативни Out of Office пораки кои не се само известување, туку јасна изјава.
Една директорка за комуникации напишала: „Моментално сум на одмор и се трудам да ја заборавам лозинката за мејл. Ако ме пронајдеш – значи нешто не е во ред.“
Еден друг CEO напишал: „На планина сум. Телефонот нема сигнал, а ни јас волја.“
Овој тренд испраќа важна порака: се нормализира правото на прекин. И тоа не било каков, туку целосен – оној што значи дека не сте достапни ни на Slack, ни на Zoom, ни на WhatsApp. Компаниите што го поттикнуваат тоа, често имаат посреќни и попродуктивни тимови.
Во регионот, сепак, сè уште сме склони кон „лажен одмор“. Го носиме лаптопот на море, читаме мејлови додека децата скокаат во плитко, и им одговараме на клиенти со пешкир на глава.
Но можеби е време и ние да го редефинираме поимот успех. Затоа што ако не можеш да отидеш на одмор без лаптоп, можеби работата сепак ти го води животот – а не обратно.
И за крај, ако не си сигурен како да напишеш Out of Office порака – тоа е првиот знак дека навистина ти треба пауза.
Извор: BIZlife.rs

