Светот на работникот

„Овие 5 вештини се отпорни на AI и најверојатно ќе стануваат сè повредни во следните пет години“, вели кариерен експерт школуван на Оксфорд

Во текст објавен за CNBC Make It, кариерниот експерт и основач на организацијата „80,000 Hours“, Бенџамин Тод, издвојува пет вештини за кои смета дека ќе останат отпорни на влијанието на вештачката интелигенција и ќе стануваат сè повредни во следните пет години.

Тод објаснува дека уште пред околу 15 години ја основал организацијата со цел да им помогне на луѓето да пронајдат исполнителна работа, особено во период кога економијата и пазарот на труд биле неизвесни по Големата рецесија. Денес, вели тој, слична неизвесност создава и брзиот развој на вештачката интелигенција.

Според него, низ годините се издвоиле неколку клучни области на вештини кои тешко можат целосно да бидат заменети со AI и кои се применливи во различни индустрии.

  1. Комуникациски вештини

Тод нагласува дека секоја организација има потреба од луѓе кои умеат јасно да ја пренесат нејзината мисија и вредности, и внатрешно и надворешно.

Тој смета дека со развојот на AI ќе стане полесно масовно да се создава содржина, но уште поважно ќе биде да се знае каква содржина воопшто треба да се создаде и како да се процени нејзиниот квалитет.

Дополнително, според него, градењето доверба и автентичен однос со публиката ќе добива сè поголемо значење. Како практични примери ги наведува совладувањето на социјалните мрежи, создавањето публика преку билтен, односи со јавност или организирање настани.

  1. Социјални вештини

Тод посочува дека речиси секоја работа подразбира соработка со други луѓе. Тој се повикува и на истражување на економистот од Харвард, Дејвид Џ. Деминг, според кое работните места што бараат социјални вештини бележат раст на платите со текот на времето.

Иако AI станува подобар во одредени форми на комуникација, Тод смета дека луѓето и понатаму ќе ја ценат човечката поврзаност и работата создадена од луѓе.

Според него, во време на брзи промени особено важни ќе бидат способностите за воспоставување доверба, разбирање на потребите на другите, препознавање емоции и решавање конфликти.

  1. Лидерство, проценка и донесување одлуки

Во анализа што неговата организација ја спровела во 2017 година, токму проценката и донесувањето одлуки се покажале како најбарани вештини кај најпопуларните професии.

Тод смета дека како што AI ќе автоматизира сè повеќе рутински задачи, уште повредно ќе стане прашањето што навистина вреди да се прави.

Тој советува луѓето да учат од најодлучните и најкомпетентни личности во својата околина и да разговараат со нив за начинот на кој носат одлуки.

  1. Вештини за оперативно управување

Секоја организација има потреба од луѓе кои ги водат секојдневните процеси, наведува Тод. Тука спаѓаат активности како регрутација, организација на финансиски системи и административно работење.

Иако дел од административните задачи веќе се автоматизираат со AI, тој смета дека човечкиот фактор останува незаменлив кај посложени ситуации што бараат добра проценка и работа со луѓе.

Тод додава дека организациите што растат брзо постојано бараат луѓе со вакви способности.

  1. Вештини за имплементација на AI

Како најважен совет, Тод ја издвојува способноста практично да се користат AI алатки за реална работа.

Според него, вештачката интелигенција моментално е добра во јасно дефинирани задачи, но има проблеми со комплексни проекти што траат подолго време или бараат координација на повеќе луѓе.

Поради тоа, тој смета дека ќе биде особено вредна улогата на луѓето кои ќе знаат да ги надгледуваат AI системите, да ги проверуваат грешките и да проценуваат кои проблеми вреди да се решаваат.

Тод додава дека познавањето програмирање може да помогне, но не е неопходно. Според него, најдобар начин за развивање на овие способности е AI алатките да се користат во области што им се блиски и интересни на луѓето.

Извор: CNBC Make It