Светот на работникот

Пат до вработување: Што е правилото „10/10“ и како ви помага?

Испраќањето на десетина идентични апликации повеќе не е доволно за да го привлечете вниманието на работодавачите. Во се’ поконкурентниот пазар на труд, експертите порачуваат дека работата не ја носи најдоброто CV, туку вистинскиот контакт.

Колку пати сте го слушнале советот дека треба да испратите што е можно повеќе апликации за работа? Иако на прв поглед делува логично дека поголемиот број на апликации ги зголемува шансите за вработување, праксата покажува дека таквата стратегија често не ги дава очекуваните резултати.

Кариерната советничка Бет Хендлер – Грант, основачка на компанијата Next Great Step, смета дека многу поефикасно е да се фокусираме на градењето на професионални контакти отколку на масовно конкурирање по пат на огласи. Таа ова правило го нарекува „10/10“.

Што подразбира правилото „10/10“?

Првиот чекор е да направите список од десет компании во кои сакате да работите. Потоа во тие компании пронајдете десет вработени кои работат на позиции кои ве интересираат или се на почетокот на кариерата, а потоа контактирајте ги.

Целта не е веднаш да барате работа, туку да започнете разговор, да дознаете повеќе за нивниот професионален пат и да добиете подобар увид во компанијата и индустријата.

Според Хендлер-Грант, токму ваквите разговори често им отвораат врата на шансите кои никогаш не се појавуваат во огласите за работа, пишува CNBC.

Не барајте работа во првата порака

Една од најчестите грешки на кандидатите е првиот контакт да го искористат за да прашаат дали има отворена позиција.

Многу подобар пристап е да се претставите, да објасните зошто токму на таа личност и’ испраќате порака и да ја замолите за краток разговор од петнаесет минути.

Ако сте студирале на ист факултет или имате заеднички професионални интереси, тоа може да биде добар начин да ја започнете комуникацијата.

Во текот на разговорот фокусот не би требало да биде на вашето CV, туку на искуството на согоровникот. Прашајте го како ја започнал кариерата, што го смета за најголем предизвик во својата работа и кои вештини најмногу му помогнале да напредува.

Раскажете ја својата приказна низ конкретни примери

Кога ќе дојдете на ред да зборувате за себе, не е доволно само да се набројуваат вештините од биографијата.

Хендлер-Грант советува да издвоите три клучни компетенции и да ги поткрепите со конкретни примери од студентските денови, праксата, волонтирањето или претходната работа. Таквиот пристап остава многу посилен впечаток од листата на особини кои може да ги наведе речиси секој кандидат.

Соговорникот можеби нема да биде лице кое носи одлука за вработување, но може да укаже на тоа како подобро да го претставите своето искуство, да ве препорача на колегите или да ве поврзе со луѓето кои бараат нови вработени.

Врските често отвораат врата до работни места кои не се јавно огласени

На крајот на разговорот корисно е да се праша соговорникот дали може да препорача уште некој со кој би вредело да се разговара или дали постои професионална заедница или настан кој би можел да биде корисен за вмрежување.

На тој начин еден контакт води до друг, а со текот на времето се гради мрежа на луѓе која може да биде многу повредна од стотици испратени апликации.

Ваквите шанси често се нарекуваат „сокриен пазар на труд“ – позиции кои не се јавно огласени, туку кандидатите се пронаоѓаат преку препораки и професионални контакти.

Луѓето и понатаму вработуваат луѓе

Иако денес голем број компании користат системи за автоматска обработка на биографијата и алатки базирани на вештачка интелигенција, финалната одлука и понатаму ја носат луѓе.

Поради тоа, посебно на почетокот на кариерата кога поголемиот дел од кандидатите имаат слично образование и ограничено работно искуство, токму познанаствата, препораките и квалитетните професионални односи можат да направат разлика помеѓу одбиена апликација и позвик на разговор за работа.

Извор: BIZLife.rs