Пензиите повисоки за 7.000 денари, во септември следува ново зголемување од 3 отсто
Пензиите во Македонија од септември 2024 до март 2026 година кумулативно се зголемиле за 7.000 денари месечно по пензионер, соопшти директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, презентирајќи отчет за работата на институцијата во изминатите две години. Тој најави дека во септември 2026 година ќе следува и дополнително усогласување на пензиите од 3 отсто.
За разлика од досегашните линеарни зголемувања, со кои сите пензионери добивале ист износ, септемвриското покачување ќе биде пропорционално. Тоа значи дека процентот ќе биде еднаков за сите, но конечниот износ во денари ќе зависи од висината на поединечната пензија.
Според Мемов, Фондот во 2025 година и во досегашниот дел од 2026 година ги сервисирал обврските навремено и целосно, во рамки на планираните приходи и расходи. Воедно, била отворена и стручна дебата за подобро поврзување на висината на пензиите со реално уплатените придонеси, без нарушување на солидарноста и стекнатите права, додека паралелно се работело и на дигитализација на архивата и побрза електронска размена на податоци со странски пензиски институции.

