Челичарница што работи за британската Кралска морнарица нема пари за плати на работниците
Шкотската челичарница „Либерти Стил Далзел“, која произведува челик за потребите на британската Кралска морнарица, се соочува со сериозни финансиски проблеми и тешкотии во исплатата на платите на вработените.
Фабриката, лоцирана во Мадервел, Шкотска, во изминатите неколку недели имала проблеми со плаќањето на сметките и работниците, објави британскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на повеќе извори.
Финансиската состојба на компанијата предизвикува загриженост за нејзиниот опстанок, особено поради нејзината важна улога во производството на челик за британската воена индустрија.
Британската Кралска морнарица нарачала три воени бродови, но сега се поставува прашањето дали тие ќе бидат изработени од британски челик. „Либерти Стил Далзел“ е единствената фабрика во Велика Британија способна да произведе одредени метални плочи потребни за изградба на овие бродови.
Британската влада соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и дека сака фабриката повторно да започне со нормално функционирање.
Дополнителен показател за сериозноста на проблемите е и фактот што Националниот оператор на енергетскиот систем (NESO) минатиот месец поднел барање за ликвидација на челичарницата, покажуваат јавните судски записи.
Се верува дека долгот за трошоците за пренос на електрична енергија во меѓувреме е исплатен, поради што се очекува барањето за ликвидација да биде повлечено.
Трите воени бродови треба да бидат изградени во Белфаст од страна на шпанската државна бродоградителска компанија „Наванта“, во рамките на договор вреден 1,92 милијарди евра.
Компанијата „Либерти Стил Далзел“, која е под контрола на металуршкиот магнат Санџив Гупта, веќе две години има ограничено производство поради недостиг на обртен капитал.
Првиот од трите бродови, наменети за транспорт на муниција, храна и други резерви за помошните сили на Кралската морнарица, треба да биде испорачан во 2031 година.
„Наванта“ веќе најавила дека првиот брод во најголем дел ќе биде изграден во Шпанија. Во меѓувреме, синдикатите ја повикаа британската влада да преземе мерки за заштита на фабриката и нејзините работни места.
Финансиските проблеми на деловната империја на Гупта траат веќе неколку години, а дополнително се продлабочиле по колапсот на нејзиниот главен кредитор, „Гринсил Капитал“, во 2021 година.
Извор: b92.net

