Постојано велите „да“ на работа? Тоа можеби не е најдобриот пат до напредување
Да се биде личноста на која колегите можат да сметаат може да биде добра работа за кариерата. Проблем настанува кога подготвеноста да помогнете прераснува во потреба на сите да им угодите – дури и кога тоа значи да ги занемарувате сопствените приоритети, да прифаќате туѓи обврски или да работите подолго од што е потребно.
Токму тоа и’ се случило на една клиентка на психотерапевтката Ејми Морин. Откако повторно не била земена предвид за унапредување, почнала да размислува за тоа да ја напушти работата. Наместо тоа, Морин и’ предложила да го праша надредениот зошто не напредува.
Одговорот ја изненадил. Шефот и’ рекол дека и’ недостигаат лидерски вештини.
Со години, како што самата опишала, ја прифаќала речиси секоја задача и се трудела да покаже колку е подготвена да се ангажира. Мислела дека така остава впечаток на личност која е посветена на работата. Меѓутоа, нејзиниот надреден нејзиното однесување го сфатил поинаку: сметал дека нема доволно одлучност и дека не умее да каже „не“.
Затоа, прифаќањето на секое барање не е нужно знак на амбиција, тимски дух или професионалност. Кога ќе стане образец, може да го помести фокусот од сопствените приоритети и да остави помалку време за задачите кои се важни за развојот на кариерата.
Еден од начините да се спречи тоа е да се постават појасни граници.
Не одговарајте автоматски со „да“
Ако првото нешто што го изговарате кога некој нешто ќе ве замоли е „да“, обидете се да направите пауза пред одговорот. Тоа не значи дека треба да ја одбиете секоја дополнителна задача. Доволно е себеси да си оставите време да процените дали навистина можете и сакате да преземете.
Наместо моментално да се согласите, можете да речете: „Ќе го проверам распоредот, па ќе ви се јавам“ или „Дајте ми малку време да размислам“.
Така добивате шанса да ја одвоите желбата да помогнете од согласноста која доаѓа од стравот дека некого ќе разочарате или обврската секогаш да бидете достапни.
Ако одлучите да одбиете, не морате да пишувате долго објаснување ниту да се извинувате поради тоа. Краток и јасен одговор може да биде доволен.
Немојте да се согласувате само за да избегнете непријатност
Угодувањето на другите на работа не се однесува само на дополнителни задачи. Може да се појави и во текот на состанок, кога ќе премолчите несогласување иако забележувате проблем во предлогот или во планот.
Таквото однесување можеби краткорочно ја олеснува ситуацијата, но долгорочно може да остави впечаток дека немате сопствен став.
Несогласувањето не мора да прерасне во конфликт. Можете да рече: „Не сум сигурен дека се согласувам со тоа“ или „Можам ли да укажам на една работа?“.
Важно е да бидете подготвени да изнесете мислење дури и кога сте првиот кој не се согласува со мнозинството. Со тоа покажувате дека не го следите само она што другите го зборуваат, туку дека имате сопствена процена и идеи.
Знајте што е, а што не ваша работа
Уште еден проблем за луѓето кои тешко одбиваат други е постепено ширење на нивните обврски. Ако колегите знаат дека речиси секогаш ќе се согласите, лесно можете да станете личноста на која ќе и’ се проследуваат задачите кои некој друг не ги сака.
Со текот на времето може да се случи дополнителните обврски да почнат да ви одземаат време и енергија од работата за која сте всушност одговорни.
Затоа не е лошо повремено да го погледнете описот на својата работа и да проверите дали новата задача навистина се вклопува во вашата улога.
Ако не, можете едноставно да речете дека барањето е вон вашите моментални одговорности. Тоа не значи дека одбивате соработка, туку дека правите разлика помеѓу повремена помош на колега и трајно преземање на туѓа работа.
Прифатете дека не можете секогаш да им угодите на сите
Една од потешките работи за луѓето кои сакаат да избегнат да ги разочараат другите е да прифатат дека понекогаш некој сепак ќе ги доживее како недоволно достапни.
Колегата може да биде разочаран затоа што не сте можеле да му помогнете околу проектот. Надредениот можеби нема да биде задоволен ако побарате повеќе време за задачата. Тоа не значи дека автоматски сте погрешиле.
Не е ваша работа постојано да регулирате како другите се чувствуваат поради вашите професионални одлуки. Многу е покорисно јасно да кажете што можете да направите пред да прифатите обврска која не можете да ја исполните, а потоа поради неа да станете исфрустрирани.
Поставувањето на границите на почетокот може да биде непријатно токму затоа што го менувате образецот на кој и другите се навикнале.
Границите не се воспоставени еднаш засекогаш
Дури и еднаш кога ќе воспоставите граници, тие со текот на времето можат да се поместат. Особено ако прифатите дополнителни обврски поради краткорочен проект, му помагате повремено на колегата или поминувате низ период кога ви е потребно повеќе ангажирање.
Затоа е важно повремено да проверите како моментално го користите своето време.
Ако, на пример, во текот на интензивен проект сте започнале да одговарате на деловни пораки навечер, можете да одлучите по завршувањето на проектот да се вратите на комуникација во текот на работното време. Ако на колегата сте му ветиле дека ќе му помогнете околу новата работа, можете да ја ограничите таа помош на одреден термин наместо да бидете достапни во текот на целиот ден.
Целта не е да станете личноста која никогаш не им помага на другите. Напротив, границите можат да помогнат помошта да остане избор, а не нешто што го правите од чувство на вина или страв дека некого ќе разочарате.
Кога ќе започнете да си го штитите своето време и енергија, поголема е шансата дека и другите ќе почнат да ги почитуваат. А токму тоа може да биде важно за развојот на кариерата – дури и ако природно сте личност која на сите сака да им угоди.
Извор: BIZLife.rs

