„Право на пристојни пензии“: ФЕРПА и ПСМ го честитаат 1 октомври – Меѓународниот ден на постари лица
Европската федерација на пензионери и постари лица (ФЕРПА) и Пензионерскиот синдикат на Македонија им го честитаат 1 октомври – Меѓународниот ден на постари лица на сите постари граѓани.
„На овој 1 октомври, ФЕРПА и нејзините 42 здружени синдикални организации се мобилизираат со обединет глас за да повикаат на акција и да побараат вистинска промена на курсот. Стареењето повеќе не смее да биде синоним за несигурност или изолација, туку треба да прерасне во амбициозна општествена цел“, велат од ФЕРПА чија членка е и Пензионерскиот синдикат на Македонија.
Од ФЕРПА велат дека „време е да му свртиме грб на ејџизмот (дискриминација на постари лица) – појава што ги одржува стереотипите и дискриминацијата, и пречесто ги маргинализира постарите лица.“
Постарите лица се полноправни граѓани. Тие се живото сеќавање на нашето општество и незаменлив мост меѓу генерациите: им помагаат на своите родители и деца, ги насочуваат внуците, имаат активна улога во групите во заедницата и во синдикатите, како и клучна економска улога.
Сепак, во време на криза, постарите лица најсилно ги чувствуваат последиците од нееднаквостите. На сите нас – и на младите и на старите – останува заеднички да се бориме и да бараме конкретни мерки:
- Право на пристојни пензии: За трајно искоренување на сиромаштијата меѓу постарите лица и овозможување тие да живеат, а не само да преживуваат.
- Право на здравствена заштита: Квалитетна долгорочна нега достапна за сите,
како финансиски, така и географски.
- Право на достоинствен дом: Безбедно и соодветно домување, придружено со
квалитетни и достапни локални јавни услуги.
- Право на социјална вклученост: За надминување на погубната изолација што ги уништува животите.
Неуморна мобилизација
Меѓугенерациската солидарност не е празна фраза: предизвиците со кои се соочуваат постарите лица денес се истите оние со кои се соочувале младите вчера и со кои ќе се соочуваат утре.
На 1 октомври – и секој ден во годината – FERPA и нејзините членки ја интензивираат
борбата за да се осигура дека овие барања ќе допрат до сите креатори на политики.
За живот со достоинство во секоја животна фаза!

