Жените од 17 ноември „работат џабе“: Приказната за Марија во која многумина можат да се пронајдат
Жените во Европската унија и понатаму заработуваат во просек 0,88 евра за секое 1 евро што го заработуваат мажите. Тоа симболично значи дека од 17 ноември па до крајот на годината жените „работат без пари“, покажуваат проценките на ЕУ.
Иако последната деценија донесе мало намалување на родовиот јаз во платите – за околу четири процентни поени – напредокот е бавен, а вистинската еднаквост сè уште е далеку.
„Нема ниту една причина мажите и жените да бидат различно платени“
Мажите и понатаму во просек заработуваат околу 12% повеќе по работен час. Тоа би значело – барем во теорија – дека жените од понеделник (17 ноември) можеле да престанат да работат до крајот на годината за да се „израмнат“ разликите.
Брисел секоја година го одбележува овој датум како „Ден на еднакви плати“.
„Не постои ниту една причина мажите и жените да бидат различно платени за иста работа“, порачаа европските комесарки Роксана Минзату и Хаџа Лахбиб.
Зошто постои разлика?
Околу 24% од постојниот јаз се објаснува со тоа што жените се многу повеќе присутни во потплатени сектори – здравство, нега, образование. Тие неделно работат повеќе часови од мажите, но голем дел од тоа е неплатена работа – грижа за деца, домот и постари членови на семејството.
„Жените и понатаму се соочуваат со нерамномерна поделба на грижата за другите. Тоа влијае врз нивниот пристап до пазарот на труд и на нивниот професионален напредок“, изјави за Euronews Белен Санц, директорка на UN Women за Европа и Централна Азија.
Учеството во повисоките структури исто така игра улога: помалку од една од десет директорски позиции во европските компании е во рацете на жени.
Нови правила на ЕУ за транспарентност на платите
Европската комисија веќе воведе низа мерки, особено во делот на балансот меѓу работата и приватниот живот, услугите за грижа и транспарентноста на платите.
Од 2023 година е предложена Директива за транспарентност на платите, која мора да стапи во целосна примена најдоцна до јуни 2026.
Според новите правила:
- компаниите ќе мора да објавуваат податоци за платите,
- ќе мора да воведат промени ако разликата меѓу половите надмине 5%.
ЕК моментално ја подготвува новата Стратегија за родова еднаквост по 2025 година.
Приказната за Марија и Алекс
На веб-страницата на Европската комисија за родова еднаквост се опишува пример од секојдневието – измислен, но за жал многу реален.
1. Прва препрека: Очајните општествени очекувања
Марија и Алекс дипломирале градежништво како најдобри во својата генерација. И двајцата добиле престижни пракси и идентични препораки. Но, при првото вработување:
- Алекс бара повисока стартна плата – научен дека треба да биде самоуверен.
- Марија е повнимателна – стравува да не делува „проблематично“.
- А свесна е и за тоа дека работодавачот може да размислува дека еден ден ќе основа семејство, или дека „не се вклопува“ во претежно машки тим.
Таа прифаќа пониска плата.
2. Втора препрека: Разлика во платите
По три години работа на исто ниво:
- Алекс станува менаџер,
- Марија добива минимално покачување.
3. Трета препрека: Родителството
Кога Марија станува мајка, оди на породилно и подоцна работи скратено работно време за да ги усогласи обврските.
Алекс исто така има деца – но не ја прекинува кариерата.
4. Четврта препрека: „Стаклениот плафон“
Во индустрија доминирана од мажи, Марија ретко гледа жени на раководни позиции. Нема ментор, нема поддршка, нема пример дека и таа може да стигне таму.
Алекс, пак, има ментор кој постојано го турка напред.
5. Пета препрека: Неплатената работа
Кога родителите на Марија остаруваат, најголемиот дел од грижата паѓа на неа. По смената на работа, дома ја чека „втора смена“ – неплатена.
Уморна, постепено се повлекува од натпреварот за унапредување.
Низ фикција – сурова реалност
Иако приказната за Марија и Алекс е измислена, Европската комисија нагласува дека истите механизми се повторуваат секојдневно низ Европа.
Разликата во заработката не постои само поради еден фактор – туку поради испреплетени стереотипи, структурни пречки и директна дискриминација.
Извор: EUpravo zato

