СветСиндикат

Просветните работници во Валенсија го продолжуваат штрајкот, бараат повисоки плати

Наставниците во јавните училишта во Валенсија влегоа во четвртата недела од неограничениот штрајк, додека преговорите меѓу синдикатите и Министерството за образование остануваат во ќор-сокак.

Вработените во образованието бараат подобри услови за работа и повисоки плати, а демонстрациите и протестите се проширија низ целата Валенсијанска заедница, привлекувајќи десетици илјади учесници.

Министерката за образование Кармен Орти во неделата ги прекина преговорите само еден час и петнаесет минути по почетокот на вонредниот состанок и ги повика петте синдикати да ги продолжат разговорите преку одделни работни групи.

Сепак, првата закажана седница беше откажана откако синдикатите UGT, CC.OO. и STEPV не се приклучија на видеоконференцискиот повик, тврдејќи дека не добиле документација за досегашниот напредок во преговорите, пренесува RTVE.

За време на протестот пред зградата на Министерството за образование во неделата, синдикатите и наставниците јавно го осудија, како што наведоа, „бруталниот напад“ на полицаец врз наставничка која учествувала во демонстрациите.

На видеоснимките што се проширија на социјалните мрежи се гледа како полицаец ја турка жената одзади, по што таа паѓа на земја.

Претставничката на владата на Валенсија, Пилар Бернабе, инцидентот го оцени како „неприфатлив“ и најави истрага за утврдување на одговорноста.

Полицијата соопшти дека против службеникот осомничен за инцидентот е покрената дисциплинска постапка.

Синдикатите ANPE и CSIF во неделата го прифатија предлогот на Министерството за календарот на преговори за оваа недела, додека STEPV, CC.OO. и UGT одбија да ја напуштат зградата на Министерството сè додека не им биде доставен „пристоен основен документ“ кој би содржел и нов предлог за зголемување на платите.

Шпанската министерка за образование возврати дека одлуките не се носат „под притисок, ниту со окупација на простории“.

Шест синдикални претставници ја напуштиле зградата на Министерството по полноќ.

Преговорите најмногу се блокирани околу прашањето за платите. ANPE и CSIF веќе имаат потпишан договор со Министерството, додека останатите три синдикати бараат повторно отворање на ова прашање, повикувајќи се на анкета спроведена меѓу наставниците за време на викендот. Според резултатите, 91 отсто од 30.014 просветни работници ја одбиле понудата на Министерството.

Дополнително, 80 проценти од анкетираните изразиле поддршка за продолжување на штрајкот на неопределено време, а повеќе од половината од нив – 54 проценти – поддржуваат и повремени протести.

Големиот штрајк на просветните работници во јавните училишта во Валенсија започна на 11 мај, во организација на четирите главни синдикати – STEPV, UGT, CCOO и CSIF, пренесува Танјуг.

Извор: Политика