Романците најмногу сакаат да бидат возачи
Романците кои во текот на оваа година активно барале работа, најголем интерес покажале за работни места во транспортниот сектор. Според податоците од платформата eJobs, позицијата возач – која опфаќа работни места како возач со Б категорија, дистрибутер и професионален возач – била најпребарувана, со вкупно 1,35 милиони пребарувања.
Иако интересот за оваа позиција е намален за речиси 15 проценти во споредба со минатата година, таа и натаму се наоѓа на првото место на листата најбарани работни места во Романија, објави порталот Digi 24.
На второто место според бројот на пребарувања се наоѓа работното место сметководител, со вкупно 681.000 пребарувања. Ова претставува значителен раст од 52 проценти во однос на 2024 година, пренесува Telegraf Biznis.
Трето најпребарувано занимање е медицинска сестра, со 626.000 пребарувања, што е раст од 19 проценти на годишно ниво. Меѓу другите популарни професии се издвојуваат и работните места во кол-центри, инженерството, како и позициите за квалификувани занаетчиски работници.
Податоците од платформата укажуваат и на зголемен интерес за работа на далечина. Бројот на пребарувања за вакви работни места пораснал за 48 проценти и достигнал 244.000 пребарувања во текот на оваа година.
Сепак, и покрај зголемениот интерес кај кандидатите, понудата на работни места на далечина е во опаѓање. Во 2025 година, ваквите позиции сочинуваат само 3,6 проценти од вкупниот број понудени работни места на пазарот на труд во Романија.
Извор: Bizportal.rs

