Сиљановска не го потпиша Законот за јавни набавки – Собранието повторно расправа за спорниот член
Собранието денеска ќе ја продолжи 129. седница, на која остануваат уште пет точки на дневен ред, меѓу кои и измените на Законот за јавните набавки, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно не го потпиша указот за негово прогласување.
Пратениците на 10 ноември го усвоија амандманот со кој се брише спорниот член 13 од законските измени. Со него се менуваше начинот на именување на претседателот и членовите на Државната комисија за јавни набавки, односно се предвидуваше можност за повторно именување без јасно ограничување на бројот на мандати.
Претседателката оцени дека ваквата формулација остава простор за неограничен број мандати и отвора прашања за владеењето на правото и концентрацијата на моќта во одлучувањето за јавните средства.
Покрај измените на Законот за јавните набавки, на дневен ред се и законските измени поврзани со извршувањето на Буџетот за 2026 година, ратификацијата на договорот со Албанија за заеднички гранични премини и измените на Кривичниот законик.

